Вести Македонија Топ вести

Првиот роденден во бегство го прослави поранешниот вицепремиер Артан Груби- надлежните се уште немаат формална потврда каде се крие

На сајтот на МВР се уште стои на високата втора позиција, неговата меѓународна потерница. На Фејсбук страната на која последен пат постираше, на средина на декември, беа поставени роденденски честитки. Артан Груби речиси половина година е во бегство, а надлежните немаат официјално потврдена информација каде е.

Сите првични претпоставки беа дека Груби се крие во Албанија, а во таа соседна земја замина на 15-ти декември лани, преку Косово и преминот Блаце. МВР уште тогаш ги извести двете држави, но и уште неколку балкански држави дека постои можност високо профилираниот бегалец да се крие на територија на нивната држава. Но, повратни информации и формална потврда не стигнала до МВР Скопје.

Соговорници на Телма тврдат дека поранешниот вицепремиер и натаму е во Албанија каде внимава и избегнува јавни појавувања, а има и блиски врски со влијателни поединци во Тирана. Речиси воопшто не контактира со луѓе во Македонија од неговиот партиско-политички-универзитетски делокруг на познанства и пријателства.

Нашите соговорници тврдат и дека Груби не контактира ниту со претставници на ДУИ бидејќи таквите информации ги базираат на тоа што никој од неговите некогашни сопартијци не се пофалил јавно дека се слуша и комуницира со него.

Беше отворена и истрага за начинот на кој тој замина во Косово, па во Албанија – бидејќи во јавноста имаше големи сомнежи дека е пропуштен иако требало да биде сопрен како лице од интерес на истрага на граничен премин. Обвинителството досега јавно не соопшти како заврши истрагата по кривичната пријава поднесена од внатрешната контрола на МВР.

Груби е опфатен со истрагата за злоупотреби и проневери при јавни набавки на ВЛТ апарати за  „Државната лотарија“. Во истата истрага е осомничен и екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами кој исто така е во бегство.

Груби неколку дена пред бегството беше ставен на црната листа на САД заедно со апелациониот судија Енвер Беџети поради „значителна корупција“ со прифаќање мито за прекинување на судските процеси против поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков. И за тие наводи беше отворена истрага, а судијата Беџети пред десетина дена беше разрешен при повторена постапка за случајот во Судскиот Совет.

На денот кога замина, Груби напиша дека ќе се врати, но 6 месеци подоцна се уште е во бегство каде ги добива честитките за 48-от роденден.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потрошена последната тронка надеж и доверба – порачаа родителите на загинатите на протестот во Кочани

Дејан Дејан

Зеленски: Русите се подготвуваат да ја продолжат војната, игнорирајќи ги сите мировни предлози

Дејан Дејан

(Видео)Овие институции одново ги убија нашите деца – порачаа родителите на загинатите во пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе