Премиерот Христијан Мицкоски и јавниот обвинител Љупчо Коцевски го штитат Драган Казак Петрушев, сменоводител кој вечерта раководел со акциската контрола во дискотеката Пулс и затоа не е опфатен со истрагата, обвини денеска опозициската СДСМ на втората од серијалот прес-конференции наречени „Вистината за Кочани“.
Опозицијата обвинува дека поради политички притисок од власта ниту еден актуелен државен функционер не е под истрага за пожарот од 16 март во кој загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Во СДСМ денеска прашаа зошто сменоводителот Петрушев не ја направил контролата во дискотеката во 12:30 на почетокот на забавата, каква што била наредбата, туку при крај и дали се договарал со сопственикот за полицијата да дојде при крај на забавата.
„Дали е точно дека постои снимка на која се гледа дека лично Драган Петрушев, спротивно на стандардните оперативни процедури, ги заклучува вратите на дискотеката Пулс и не дозволува никој да го напушти објектот? Ако обвинителството поседува ваква снимка од безбедносните камери на дискотеката зошто досега нема обвинение против Петрушев? Дали Драган Казак Петрушев е заштитен затоа што е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и ги врши валканите работи на партијата во градот со години? Дали можеби Петрушев е заштитен затоа што поседува компромитирачки материјали за истакнати функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и пратеници“, праша денеска потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
Неговата колешка Каја Шукова вчера обвини дека власта го штити и разрешениот началник на СВР Кочани Дејан Салтировски поради личните и бизнис интереси на премиерот Мицкоски.
Тој денеска ги негираше овие обвинувања. Мицкоски потсети дека јавниот обвинител Љупчо Коцевски бил избран во време на СДСМ и со гласови на пратениците на СДСМ и ДУИ.
„Јас жалам што СДСМ и поедини инсталации во опозицијата се обидуваат на еден мизерен начин да ја злоупотребуваат оваа трагедија. Она што го прават е нечовечки и нехумано, но оставам граѓаните да судат и да пресудуваат. Се разбира дека ги отфрлам овие обвинувања и ги повикувам СДСМ, но и останатите коишто се обидуваат да профитираат политички на оваа ужасна трагедија да не го прават тоа“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Центарот за јавно здравје.
ДУИ, пак, преку соопштение реагира дека истрагата на обвинителството, која е затворена без ниеден партиски функционер да биде осомничен, е форма на политичка амнестија и навреда за семејствата на жртвите.
Родителите на загинатите во дискотеката Пулс исто така се незадоволни од истрагата и сметаат дека не се опфатени сите одговорни. Обвинителството тврди дека ако има докази, истрагата може да ја прошири.
Срѓан Стојанчов