Вести Македонија Топ вести

Обвинувања за дивоградби во Чаир

Обвинителството ќе ги анализира доказите што вчера ги достави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за легализирање на дивоградби во Чаир со фалсификувани документи. Партиите со обвинувања за урбан хаос и одговорност за состојбите во општината.

Во Чаир се градела зграда на место предвидено за улица, а ваквото решение исчезнало во општинските лавиринти, обвинија од СДСМ. Агенцијата за Катастар ги избришала претходно впишаните нелегални легализации за над 150 дивоградби во Чаир, велат од СДСМ и прашаа, дали во спрегата на урбаната мафија е инволвиран и директорот на Катастар, Иван Живковски.

„Зошто од ВМРО-ДПМНЕ ги штитат подобните од нивниот коалициски партнер ВЛЕН? – Недозволиво е институциите да молчат и да го покриваат криминалот на урбаната мафија. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше де-ДУИзација, само за да ја промени со ВЛЕН-изација. СДСМ бара институционална разврска за овој мега скандал“, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Данела Арсовска дека работи за СДСМ и за ДУИ, а одговорија и за обвинувањата кон Агенцијата за Катастар дека постапиле законски. Агенцијата за катастар, согласно законските надлежности, само гледа дали решението е доставено од надлежен орган, дали има печат за правосилност и потпис од овластеното лице, велат од партијата.

„Агенцијата за катастар не носи решенија за бришење, туку постапува по конкретни акти на корисници во случајот Општина Чаир. Да се остават на страна драмите на СДС за некакви инсајдери, доушници, свиркачи. Љубица Јанчева не ја откри Америка, туку потребно е да ги научи правните прописи по кои работат институциите“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ, партијата што го номинираше Ганиу за градоначалник, но тој се одметна во „Вреди“ денеска обвинија дека во Чаир се случува урбан криминал.

„Повеќе од 150 бесправни градби, без статички проекти, без сеизмичка проценка, со нелегално поврзување на струја и без пристап за пожарна или брза помош се живи закани за илјадници граѓани. Луѓето што купиле станови таму не можат да спијат мирно поради страв за животите на своите деца и семејства“, обвинуваат од ДУИ.

Скопје, Сарај и Чаир се дават во ѓубре. Граѓаните не смеат да бидат заложници на бизнис интересите на кланот на ДУИ и Данела Арсовска, одговорија од „Вреди“.

„Доста е од ДУИ. Доста е од трул систем на штета на Албанците. „Вреди“ во следните денови во детали ќе ја информира јавноста за сите диви објекти на кланот на ДУИ кои владее во Сарај и Шуто Оризари. „Вреди“ ќе ги информира и институциите, МВР, антикорупциска и обвинителството“, порачуваат од „Вреди“. 

Арсовска вчера рече дека откако јавно открила дека со фалсификувани документи Ганиу легализирал дивоградба, тој веднаш побарал поништување на решението за легализација, а катастарот за само 24 часа постапил. Таа се сомнева и дека се уништуваат докази во Општина Чаир и најави дека од утре до обвинителството ќе достави уште докази за 150 дивоградби.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Собранието ќе добие безбедносна зона од 1,5 хектар, со воздушна граница од 100 метри во вис и забрана за протести- ќе предизвика и финансиски трошоци за откуп на земјиштето планирано за приватен паркинг

Дејан Дејан

Универзитетски професор со втор министерски обид и поранешен новинар и маркетинг агент- Собранието ги објави биографиите на предлозите за нов министер и заменик министер

Дејан Дејан

„Ѓаволот е во деталите“ потенцира Арсовски – низок изборен праг може да донесе фрагментирано собрание

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе