Тивко и без никакви активности е денеска на градилиштето во старата битолска касарна, каде вчера падна кран врз трговскиот центар во градба. Големата машина сè уште не е отстранета, а првичните проценки се дека оваа хаварија се случи поради нестручно ракување или невнимание.
Изведувач на градежните работи е скопска фирма, но за време на несреќата на терен работеле подизведувачи, а кранот паднал при подигање на поголем товар. Градежна и трудова инспекција, полицијата и ОЈО извршија увид на местото и се проверува целокупната документација на градежната фирма и се утврдуваат точните причини како паднал кранот.
„Чекаме информации од сите релевантни служби зошто дошло до оваа хаварија на терен“, вели градоначалникот Тони Коњановски
„Се случило или поради мала нестручност или невнимание при ракувањето со кранот. Направено е оштетување на конструкцијата. Треба да се изврши испитување од овластена куќа, тоа ќе го побараме. Од страна на техничка документација, самиот објект има валидна дозвола, пријавен е почеток на градба“, рече Велимир Лозановски, градежен инспектор.
Овој немил настан на градилиштето во старата касарна во Битола се случи вчера околу 14 часот. Иако првично до полицијата било пријавено дека има повредени во несреќата, сепак при увидот на терен беше констатирано дека ниту еден работник не побарал лекарска помош, но предизвикана е значителна материјална штета.
Емилија Мисирлиевски