Вести Македонија Топ вести

Помалите партии ги извадија од фиока старите закони за една изборна единица

Помалите партии ги извадија од фиоките старите предлог-закони за една изборна единица, веднаш штом премиерот изјави дека е подготвен да ја поддржи идејата. Веќе во понеделник и Демократски сојуз и ЛДП најавија дека ќе ги поднесат во Собрание, а добија поддршка и од ДОМ. Не е исклучено и да ги спојат иницијативите во една, како што направија пред четири години, но процесот тогаш запре поради барањата на ДУИ. Сега се надеваат на поддршка од сите партии кои се залагаат за демократија.

„Секој кој се залага за демократија треба да го прифати, затоа што ова е  уште еден начин на унапредување на демократијата. Не гледам причина да не се прифати закон кој нуди фер и праведна трка. Ние сметаме дека треба да има и отворени листи, за граѓаните да можат само да изберат кој да ги претставува на локално ниво“, вели Моника Зајкова, претседателка на ЛДП.

Анализите покажуваат дека со една изборна единица, помалите партии ќе имаат поголеми шанси да освојат пратеник и нема да мора да влегуваат во непринципиелни коалиции. Моделот со шест изборни единици за помалите партии е неправичен, од причина што бара концентрација на гласови во една изборна единица, па се случува малите партии да освојат гласови за повеќе пратенички места, но да не ги добијат затоа што се распрскани низ целата територија на државата. Во зависност и од големината на изборната единица, се случува пратеник во третата изборна единица да биде избран со 9.000 до 10.000 гласови, а во шестата со 6.000 гласови.

„На тој начин ќе се добие поправичен пристап до натпревар. Сега по околу 10, 20, па дури и по 30 илјади гласови одат во ветер, тоа се три пратенички мандати. Малите партии нема да бидат осудени и да одат во коалиции. Плус, големите партии добиваат и повеќе финансии од државата, аналитички центри, и однапред трката не е под фер услови“, вели Зајкова.

Од ДОМ бараат иницијативата да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите.

Премиерот од собраниската говорница вети поддршка за овој модел, но само доколку се дозволи и дијаспората да гласа и тоа не само во дипломатско конзуларните претставништва, туку насекаде каде што  дозволуваат законите на другите држави да се гласа. Проблем со гласањето на дијаспората сега е тоа што треба да патуваат и по илјадници километри за да гласаат, па нема одѕив. Традиционално, секаде во светот, дијаспората е поддржувач на десничарските партии, па оттаму е и стравот на помалите партии дека, поради тој услов, опозицијата нема да даде поддршка.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера рече дека нема ништо против, но дека таква одлука треба да се донесе со консензус. А токму консензусот е пречка за оваа идеја, затоа што партиите на Албанците секогаш се против, поради стравот дека ќе ја намалат својата застапеност во Собранието.Тие бараат три изборни единици, наместо шест,затоа што така ќе добијат најмногу пратеници.

Од „Вреди“ засега нема официјален став за можноста за промена на изборниот модел.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нова рунда преговори меѓу Русија и Украина утре во Истанбул

Дејан Дејан

(Видео) Руски авиони во пламен, мета воени аеродроми во пет области – Украина изведе операција „Пајакова мрежа“ што ја подготвувала 18 месеци

Дејан Дејан

(Видео) Делови од Скопје без вода поради зафат на „Водовод“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе