Над 100 камиони на Светската програма за храна на Обединетите Нации (ОН) со брашно биле ограбени во областа Кан Јунис на југот од Појасот Газа, објавија палестинските медиуми. Израелскиот сајт Ynet објави дека група луѓе нападнале околу 110 камиони натоварени со брашно, чија дистрибуција требало да започне утре.
Како што објави „Тајмс оф Израел“, на видеото до кое дојдоа медиумите, може да се слушне пукање, но нема непосредни извештаи за повредени. Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) изјави дека „Газа е најгладното место во светот“, каде што „100 проценти од населението е изложено на ризик од глад“.
Израел минатата недела почна да дозволува ограничено количество на хуманитарна помош во Газа, откако го блокираше влезот на храна, лекови, гориво или друга стока од 2 март. Израел го обвини Хамас за кражба на помошта и вели дека се потребни „строги контроли“ за да се спречи помагањето на таа милитантна група.