Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека по завршувањето на подготовките за Експото ќе има предвремени избори. Напоредно илјадници српски студенти и граѓани протестираа попладнево во центарот на Белград со цел да го зголемат притисокот врз претседателот Александар Вучиќ да распише предвремени избори.
На почетокот на мај студентите повикаа на предвремени избори за да се стави крај на политичката криза, откако владата не ги исполни нивните барања за одговорност за трагедијата во Нови Сад кога се урна бетонска настрешница на железничката станица и загинаа 16 луѓе.
„Колку животи мора да бидат загрозени или изгубени за да се стави крај на корупцијата“, беше пораката од протестот во Белград, а пред обвинителството и Владата демонстрантите извикуваа „сакаме избори“.
Српските власти се на ставот дека студентските барања се исполнети, додека студентите го негираат тоа.