Во едно тивко ќоше на Општина Гази Баба се наоѓа место полно со љубов, трпение и грижа – СОС Детско Село. Место каде што секој ден започнува со прегратка, а завршува со спокој и надеж. Во ова мало место живеат и растат мали херои, но и оние кои стојат зад нивниот спокој – згрижувачките родители. Силвана Тушевска веќе 14 години е згрижувач во СОС селото. Со топлина во гласот вели дека оваа работа не ѝ е обврска, туку исполнување.
„Во моментот се грижам за четири деца на различни возрасти. Тоа се три девојчиња и едно момче. Од моментот кога ќе го примиш едно дете и кога ќе ја осетиш неговата топлина, па се до моментот кога ќе ја видиш неговата искрена насмевка и она кога ќе сфатиш дека оди по вистинскиот пат е токму тие моменти се најважни за еден згрижувач“, вели Силвана Тушевска, згрижувач на деца без родители.
Денот ѝ започнува уште пред изгрејсонце. Прво ги подготвува децата што имаат прва смена во училиште, а потоа и оние што одат подоцна. Таа е задолжена за секој оброк, облека, домашна задача, разговор.
„Секој ден овде е една приказна како убава бајка. Денот започнува со будење и испраќање на децата во училиште, а потоа следи испраќање на втора смена и дочекување на оние од прва, потоа подготвуваме ручек и имаме други активности“, додава Тушевска.
Денеска, по повод Меѓународниот ден на детето и Денот на згрижувачките семејства, во СОС Детско Село свечено беа отворени новите простории.
„За нас како организација која 25 години работи за поддршка на децата без родители, многу нѝ е важно да кажеме дека отвораме нови подобрени просторни услови за Центарот за поддршка на згрижувачките семејства. И уште една нова иновативна услуга ќе имаме за брзо време, а тоа е Центар за специјална едукација и рехабилитација на деца со тешки трауми“, изјави Јулијана Гапо, директорка на СОС Детско село.
„Сакам да упатам еден апел до сите да се вклучат во оваа мисија, бидејќи на секој дете му е потребно пред се љубов, грижа и надеж“, рече Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.
Во СОС Детското село во 12 семејни куќи растат околу 50 деца кои се основно образование.
Тамара Марковска