Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ почна судењето за случајот „Адитив“, поврзан со злоупотреба на јавни набавки и перење пари при набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј.
На обвинителна клупа треба да седнат 31 физичко и 5 правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор.
Меѓу обвинетите за овој случај се и двајца поранешни директори на државни Електрани, Васко Ковачевски, кој се уште е во бегство и неговиот наследник Васко Стефанов.
Обвинителството тврди дека преку пререгистрација на фирми и договарање меѓу економски оператори, биле наместени тендери, со што одредени компании добиле договори и оствариле имотна корист од речиси 400 милиони денари.
Обвинетите се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, наместени јавни набавки и перење пари.
Дел од нив, според обвинението, парите од зделките ги вратиле во оптек и ги прикривале преку трансакции и подигнување готовина.
Судењето се одвива во новата дигитална судница, што овозможува поголема безбедност и ефикасност во процесирањето на сложени предмети.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов ги повика судиите во иднина почесто да ја користат оваа судница за која како што рече ги исполнува сите европски услови.