Политички, неделовнички и неуставни преседани направени во брзање да се поминат договори заради маркетинг и замајување на јавноста. Со ваквата оценка на социјалдемократите, јасен е ставот на опозицијата, за Законот за ратификација на Договорот со Велика Британија.
По целодневна дебата, Собранието синоќа со 76 гласа „ЗА“ и 6 гласа „ПРОТИВ“ даде зелено светло за законското решение.
Пратениците од СДСМ сега се потпираат на последниот филтер и бараат од шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише указот, со цел преседаните да не станат пракса.
„Ако се погледнат двете верзии на договорот се доаѓа до заклучок дека овој договор е ништовен, затоа што во англиската верзија на документот како потписник се јавува Потпретседател на Република Северна Македонија – функција што не е предвидена во нашиот устав, а во македонската верзија стои дека потпишал заменик претседател на Владата“ велат од пратеничка група на СДСМ.
Договорот со Велика Британија очекувано денеска беше најжешката тема на релација власт-опозиција, на собраниските пратенички прашања.
Од опозицијата следуваа бројни прашања, дилеми и обвинувања – не сме против проекти, туку против злоупотреби, посочуваат од СДСМ.
„Немам намера да оцрнувам проект меѓутоа бараме одговори за сите дилеми и недоречености, особено оние коишто се однесуваат во делот на финансирањето и во делот на она коешто претставува транспарентност. И тоа каква рефлексија врз јавниот долг ќе имаат овие шест милијарди, каматата, исто така потсетив и за контролниот механизам – кој и како ќе го контролира целиот овој процес, итн“ изјави Сања Лукаревска, пратеничка од СДСМ.
Министерката за финансии одговори со тврдење дека нема простор за злоупотреби на средства, затоа што има гарант. Опозициските обвинувања ги етикетираше како навреда.
„Во Договорот се вели дека Обединетото Кралство ќе гарантира во име на Република Македонија. Ако некој гарантира во нечие име, дали мислите дека тој истиот ќе остави да има злоупотреби на средства или не знам какви договарања?! Јас ова го чувствувам како директна навреда кон Велика Британија. Директна!“ изјави Гордана Димитриеска–Кочоска, министерка за финансии.
За власта Договорот е историски и ќе овозможи реализација на сите проекти кои претходната власт не ги направила. Додека за опозицијата, Договорот не е ексклузивен, а нетранспарентноста остава сомнеж за матни зделки и корупција.
Петар Догов