Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против директорот на АНБ за фалсификат на ТОЕФЛ сертификатот од училиштето „Јулија“ во Пловдив во Бугарија. Обвинителот во скопското обвинителство Владимир Милошевки утврдил дека Христовски се подготвувал за тестот по англиски во училиштето „Јулија“, но полагал по интернет три дена подоцна односно во сабота на 26-ти март 2022-ра година.
Обвинителството, исто така, утврдило дека важноста на тој ТОЕФЛ сертификат на Христовски е истечен, две години подоцна и не нажел кога тој е назначен за директор на Агенцијата за национална безбедност. Не може да се утврди дали постои таков тест поради правилата на ETS – Сервисот за едукација и тестирање, објаснија од обвинителството.
„Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма шест до 10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот“, соопшти обвинителството.
Од обвинителство посочија дека во март добиле нецелосни одговори од бугарските власти, бидејќи не можеле да ја најдат сопственичката на училиштето, а „Јулија“ во 2022-ра било регистрирана за преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи.
Од обвинителството посочија и дека документот доставен кај нив како кривична пријава и ТОЕФЛ сертификатот на Христовски визуелно, по форма и содржина се разликуваат. Но, децидни се и дека покрај дилемите за сертификатите, надлежниот обвинител не утврдил дека дејствијата на Христовски содржат елементи на кривично дело.
„Исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ издаден од Language School Julia CO.LTD, тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството не утврдило кривично дело ниту во факултетската диплома на Христовски издадена пред две години на Факултетот за туризам и менаџмент. Бојан Христовски со истиот сертификат, кој според обвинителството не е важечки, беше избран и за асистент на Факултетот за безбедност во Скопје. Владата го назначи Христовски за директор на АНБ во октомври лани. Беше вработен во МВР.
Според неговите тврдења, тој престанал да биде член и партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ во декември 2023-та кога по одлука за негова дискриминација со политичка основа, екс министерот Оливер Спасовски го врати на работа во МВР.
Миомир Серафиновиќ