Американски федерален суд ги укина царините кои претседателот Трамп ги воведе кон сите земји кои извезуваат производи во САД. Пресудата вели дека Трамп ги пречекорил своите овластувања воведувајќи царини без согласноста на американскиот Конгрес. Администрацијата, преку Министерството за правда, поднесе жалба само неколку минути по соопштувањето на пресудата.
Американската царина има 10 дена да се подготви и да започне да ја спроведува одлуката. Укинувањето на царините, исто така значи дека САД ќе мораат да им ги вратат парите на компаниите за досега платените царини.
Против извршната наредба на Трамп беа поднесени две посебни тужби, од различни организации, но експертите предупредуваат дека сѐ уште не е време за славење, затоа што Трамп повторно може да воведе царини, но според друг закон а не Законот за вонредни овластувања во економијата, врз кој ја заснова наредбата.
И покрај тоа што сите сфаќаат дека царините и заканата од нив се дел од преговарачката стратегија на американскиот претседател, но како што експертите посочуваат, резултатите засега се занемарливи.
„Тоа е еден вид на јо-јо политика. Знаете, има царини, па нема, високи се, па пониски, големи па мали, има исклучоци, нема исклучоци. На секои неколку денови има нешто нови и многу е тешко да се предвидува, иако веќе се забележува еден модел. Тој модел е големи барања и големи закани, потоа одложување и понекогаш, како со Обединетото кралство со кое беше потпишан досега единствениот договор, прилично скромен резултат“ изјави Бил Рајнч – Истражувач во Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Трамп сѐ уште не ја коментирал одлуката на судот, но од Белата куќа веднаш ја критикуваа. На судии кои не се бираат на директни избори не им е работата да одлучуваат како правилно да се справиме со национална вонредна состојба, соопштија од таму.
За разлика од Белата куќа, пазарите и берзите реагираа исклучително позитивно.
Игор Трајков