Најавите за трансфер на пратеници од Европскиот фронт во „Вреди“ или во владиното мнозинство се една голема лага. Тоа е специјален начин на службите да се направи раздор во една група и на таков начин да се постигне целта. Такво нешто нема, изјави Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
„Ние многу често се соочуваме со вакви тврдења. И минатиот мандат имаше најави дека ќе си заминат овие или оние пратеници, но не се случи. Мислам дека тоа се специјални начини на делување од страна на службите и имаат за цел да градат недоверба меѓу партнери, коалициски партнери и тоа е најдобриот начин потоа да се направи раздор во групата и да се постигне целта“, рече Села на прес-конференција во Собранието.
Според него, таква ситуација во Европскиот фронт нема.
„Мислам дека ова е голема лага и пропаганда која се развива во општеството. Наместо тоа треба да се градат стандарди кои треба да бидат вистината, а не лагата. Политичарите кои треба да се поддржат се оние кои зборот даден во јавноста го почитуваат и тоа не само дадениот збор политичар кон политичар кога се прави договор, туку и зборот кон граѓаните кои врз основа на тој даден збор дале глас што за мене е светост“, рече Села.
Тој истакна дека не може да даде одговор дали би прифатил Таравари да се приклучи кон Европскиот фронт, бидејќи, според него тој прво треба да го каже ставот околу тоа прашање.