Рускиот претседател Владимир Путин постави услови за завршување на војната во Украина кои вклучуваат барање за писмени гаранции од западните лидери дека ќе запрат со ширење на НАТО кон исток и да ги укинат дел од санкциите кон Москва, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на тврдења на три руски извори кои се запознати со преговорите.
„Путин е подготвен за мир, но не по секоја цена“, рече еден висок руски извор кој е запознат со размислувањата во Кремљ.
Трите руски извори наведуваат дека Путин сака писмено ветување од западните сили дека нема да го шират НАТО, предводен од САД, кон исток, што е шифра за формално отфрлање на членствата на Украина, на Молдавија, на Грузија и на други поранешни советски републики во Алијансата.
Русија, исто така, сака Украина да биде неутрална, за да укинат некои од западните санкции, да се реши прашањето на „замрзнатиот“ руски имот на Запад и да се заштитат правата на луѓето кои говорат руски во Украина.
Еден од изворите нагласи дека, ако Путин сфати оти не може да постигне договор за мир под свои услови, ќе настојува и на Украинците и на Европјаните, преку воени победи, да им покаже дека „мирот утре може да биде уште повеќе болен“.
Кремљ не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар. И Путин и руски официјални претставници во повеќе наврати рекоа дека секој мировен договор ќе мора да ги решава „темелните причини“ на војната, што е руска кратенка за прашањето за ширење на НАТО и западна поддршка за Украина.
Киев, пак, во повеќе наврати порача дека Русија не би требала да има право на вето над неговите стремежи за членство во НАТО. Украина наведе дека ѝ се неопходни силни безбедносни гаранции од Западот која би одбила руски напади во иднина. И администрацијата на Зеленски не одговори на барањето за коментар на „Ројтерс“.
НАТО во повеќе наврати порача дека нема да ја менува својата политика на „отворени врати“, само затоа што Москва го бара тоа. И портпаролот на Алијансата не одговори на барањето за коментар од „Ројтерс“.