„Владејачката Обединета социјалистичка партия на Венецуела (ОСП), предводена од претседателот Николас Мадуро, убедливо победи на вчерашните парламентарни избори, соопшти Националниот изборен совет. Партијата на Мадуро го задржа апсолутното мнозинство во Националното собрание, освојувајќи 82,68 отсто од гласовите.
Истовремено, на локалните избори социјалистите на Мадуро обезбедија 23 од 24-те гувернерски места во венецуелските држави, со исклучок на државата Кохедес, каде победи кандидат на опозицијата. Ова е намалување во однос на изборите во 2021 година, кога опозицијата победи во четири држави.
Изборите беа обележани со длабоки поделби меѓу опозициските партии, кои го оспоруваат режимот на Мадуро и неговата коалиција „Голем патриотски блок“. Опозициските лидери ги повикаа граѓаните да се воздржат од гласање во знак на протест против официјалните резултати од претседателските избори во јули минатата година, за кои тврдат дека ги добиле.
Според претседателот на изборната комисија, Карлос Кинтеро, 8,9 милиони граѓани гласале за 258 пратенички мандати и гувернери на 24 држави, што е слична излезност како во 2021 година, иако право на глас имаат 21 милион Венецуелци“ пишува МИА.