На вонредното собрание на Алијанса за Албанците, од крилото на Арбен Таравари, синоќа беше разрешен шефот на партиското Собрание, Арбен Фетаи. Фетаи кој е вицепремиер за добро владеење остана во владата кога Таравари си поднесе оставка од министерската позиција.
Одлуките за расчистување со одметнатите кадри следуваат неколку дена откако дел од високите функционери на оваа партија се спротивставија на Таравари и партиската одлука да ја напушти Владата и коалицијата ВРЕДИ.
За нов претседател на партиското собрание на Алијанса е избран Назим Таипи.
„Исклучивме и некои членови на Претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците.За Мимоза Муса одлуката не беше донесена, бидејќи не беше добро дефинирана пораката од неа, дали останува со Алијансата за Албанците, или останува со ВРЕДИ, немаме јасна порака“, рече Таравари.
Таравари го повтори ставот дека Собранието ја потврдило одлуката, партијата да ја напушти Владата и самостојно да се натпреварува на локалните избори во октомври.
Таравари вели дека на локалните избори ќе соработува и со ДУИ и со ВРЕДИ, а за таква соработка ги наведе општините Битола, Кичево, Брвеница, Чашка, Ресен, Бутел. Според него, со такви локални коалиции и со ДУИ и со ВРЕДИ ќе можат да им помогнат на Албанците.
Таравари не исклучува во другите општини соработка со која било опозициска политичка партија.