Низа пропусти во Законот за угостителска дејност утврди Антикорупциска, откако спроведе негова проверка по трагедијата во Кочани во која загина 61 лице. Меѓудругото, ДКСК утврди дека се врши упис во регистар на угостителски објекти без претходна проверка дали ги исполнуваат потребните минимално техничките услови, што може да има последици по здравјето и безбедноста на гостите.
„ДКСК препорачува во Законот да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од ДПИ или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во Регистарот. Неопходно е да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението“, посочи претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Наместо покана за едукација, да има инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана. ДКСК утврдила ризик и во делот на прекршочните одредби кои не се сразмерни со тежината на можните последици.
„Во овој дел препорачуваме да се преиспитаат прекршочните одредби со цел да се обезбеди сразмерност помеѓу висината на глобите и сериозноста на последиците, особено кај прекршувањата што се однесуваат на здравјето, и безбедноста на луѓето. Притоа неопходно е да се примени и трикратниот износ на глоба за сериозни прекршоци“, додаде Димитровска.
Извештајот од извршената проверка на Законот за угостителска дејност, како и законите за заштита и спасување, за инспекциски надзор, за локална самоуправа, за заштита од експлозивни материи и за промет на експолозивни материи ќе биде јавно објавен и ќе биде доставен до предлагачот и до институциите што ги спроведуваат и регулираат овие закони.
Марија Митевска