Судењето за убиството на Вања и Панче денеска во Основен Кривичен суд Скопје продолжи со испитување на обвинетиот Велибор Манев. Тој одговараше на прашањата на бранителите на останатите обвинети. Манев истакна дека причината за убиството на Вања и Панче е прашање кое треба да се упати на обвинетиот Љупчо Палевски.
Одговарајќи на прашањето на бранителот на Кешишев, Манев потврди дека на 23 ноември 2023 година, патот до хотелот „Романтик“ бил преку Башино Село, продолжувајќи кон Катланово и Скопје, а потоа се исклучиле кон селото Рудник. Тој, исто така, објасни дека тегот, кој бил спуштен во земуницата, сè уште се наоѓа таму.
„Јас носев и чамец со катанци за да го одврземе, да биде Панче Жежовски врзан во самата земуница“, рече тој. На прашањето дали девојчето било врзано во моментот на убиството, Манев одговори потврдно.
Во однос на прашањата од бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегџиќ, за планирањето на грабнувањето, Манев изјави дека Љупчо Палевски предложил потенцијални цели, вклучувајќи и бизнисмен или ќерка на фармацевт.
„Десет дена пред грабнувањето, Палевски рече дека ќе ја набљудува жената за да ги дознае нејзините навики“, додаде тој.
Манев истакна дека фотографиите од потенцијалната жртва биле направени без директен контакт со нивните телефони. Прашан дали детето што го грабнале не било личноста од таа фотографија, тој одговори дека наликувале.
„Личноста од фотографијата многу наликуваше на детето, висината, боја на коса, личеше како повозрасна жена, воопшто сликата не личеше на дете. Покрај самиот изглед, времето на излегување 7:20 наутро, секојдневно како што следел дека излегува, бевме сигурни дека тоа е таа особа“, рече тој.
Кога ја откопчале вреќата за да ја фотографираат жртвата, Манев сфатил дека грабнале дете, а не жена.
„Тоа се случи откако ја извадивме од колата, од гепекот, ја поставивме на земја во легната положба, ја откопчавме вреќата и ја извадивме лентата од устата да може да ја слика и тогаш видовме дека е дете“, рече тој.
Прашан кој одлучувал кој ќе биде грабнат, одговори Палевски.
„Тој ги знаеше луѓето во зградата и одлучуваше кој ќе биде грабнат“, рече тој.
Дополни дека пред да се случи тоа, како што рече „Љупчо Палевски нѐ однесе до зградата да ни објасни каде е влезот, каде е сутеренот, ни ги кажуваше скалите излезни со скалите што одат спрема сутеренот. Тоа беше ноќно време. После тоа не носеше на некоја од бензиските да пиеме кафе, ни ја покажуваше фотографијата за да ја запамтиме особата, рече тој.
Манев одговарајќи на прашањето на таткото на Вања кое гласеше „Зошто, што се случи“, заврши со изјавата дека не може да одговори зошто дошло до убиството, додавајќи дека тоа е прашање за Палевски.
Расправата продолжи со испитување на Манев од страна на обвинетиот Љупчо Палевски.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.