Шефот на Минхенската безбедносна конференција, Криштоф Хојсген изрази загриженост заради растечката поделба меѓу Европа и САД, истакнувајќи дека заедничките вредности повеќе не се толку заеднички. Хојсген во еден момент го совладаа емоции, заплака и накратко го прекина говорот.
Хојсген беше советник за надворешна политика на поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел во период од 2007 година до 2017 година. Потоа беше назначен за германски амбасадор при Обединетите Нации пред да ја преземе функцијата на Безбедносната конференција во Минхен.
„Мора да стравуваме дека нашата заедничка база на вредности повеќе не е толку заедничка. Многу сум благодарен на сите оние европски политичари кои проговорија и ги потврдија принципите и вредностите што ги бранат“, рече Хојсген во завршниот говор кој го означи и крајот на неговиот мандат.
Тој нагласи оти европските лидери треба да бидат цврсти во одбрана на заедничките принципи, како демократија, слобода и владеење на правото. Неговите изјави следуваа по говорот на американскиот потпретседател Џеј ди Венс во петокот кој, според Хојсген, ја нагласи промената во трансатлантските односи.
Хојсген ги пофали европските лидери, посебно украинскиот претседател Володимир Зеленски бидејќи, како што рече, ја потврдиле посветеноста на основните демократски вредности.
„Пораката од Минхен е јасна – Европа не е убаво да се има, Европа мора да се има“, порача Хојсген, повикувајќи го континентот да преземе проактивна улога во глобалната безбедност. Го повтори мислењето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, повикувајчи го европските лидери да изнесат конкретни идеи и ветувања за трошење, наместо да се жалат и да стојат настрана.