По серијата земјотреси на Санторини, морето во Измир и многу други места долж брегот на Егејското Море се повлече за повеќе од 200 метри, објавија турските медиуми.
Морето се повлекува од 8 февруари, а денеска се повлече за повеќе од 300 метри во областа Чешме и пристаништето Алачати. Нивото на водата во областа Дикили и Бодрум е намалено за повеќе од половина метар, оставајќи зад себе многу заглавени чамци, пишува агенцијата Анадолија.
Иако граѓаните се вознемирени, поврзувајќи ја оваа појава со земјотресите во Санторини, експертите тврдат дека морската вода се повлекла поради силните северни ветрови и дека тоа е природен процес.
Доктор Мехмет Чавушоглу, член на Работната група за животна средина, биодиверзитет и климатски промени на Турската академија на науките (ТУБА) и професот доктор Доган Јашар изјавија дека морската вода се повлекла поради силните северни ветрови кои достигнуваат удари и до 60-70 километри на час.
Јашар нагласи дека повлекувањето нема никаква врска со земјотресите во Егејското Море, нагласувајки дека нема причина за загриженост. Забележано е и дека нивото на водата на реката Каршијака која е живеалиште за многу птици, е намалено.
Шефот на Катедрата за водни ресурси на Универзитетот во Мугла, д-р Џејхун Озчелик изјави дека морето во последните денови се повлекува по бреговите на Медитеранот и Егејското Море. Озчелик изјави дека земјотресите не се причина за оваа појава и дека нема потреба од паника кај граѓаните.
На брегот кај Мармарис, поради повлекувањето на морето, се формираа неколку нови острови.
Морето се повлече и на околу 100 метри од брегот во Силиври кај Истанбул, во регионот Баликесир и во Дидим. Оваа појава, според експертите кои посочија дека причина за повлекувањето на морската вода на Дарданелите и на брегот на Анадолија е силен северен ветер, треба да трае до среда.
Хусеин Услу, кој живее 41 година во областа Ајдина, вели дека секоја година има период кога водата се повлекува при силните северни ветрови, но дека ваква ситуација одамна не видел.