Вести Свет Топ вести

Трамп започна маратон на потпишување претседателски извршни наредби

Само што влезе во Овалната соба, Трамп започна маратон на потпишување претседателски извршни наредби кои засегаат десетици области од јавниот живот во САД. Најмногу внимание беше посветено на нелегалните мигранти во САД и нивните права кои претходната администрација на Бајден и демократите ги имплементираше. Секако, можеби најконтроверзна од извршните наредби беше таа која го укинува правото на државјанство со раѓање на децата на мигрантите.

Оваа извршна наредба речиси сигурно ќе биде меѓу првите кои ќе бидат оспорени пред американските судови, а нејзината легитимност е спорна затоа што правото на државјанство со раѓање е утврдено со американскиот Устав.

  • „Можеби, но мислиме дека имаме добра основа. Но, можеби сте во право, ќе видиме. Апсурдно е, ние сме единствената земја во светот кое го дава ова со раѓање, како што знаете, и е апсолутно апсурдно. Но, ќе видиме, мислиме дека имаме добра основа и одредени луѓе веќе со децении сакаат да го направат ова“ изјави Доналд Трамп, американски претседател.

Помилува 1.600 од осудените демонстранти за упадот во Конгресот на 6 јануари 2021 година, ја одложи примената на забраната за ТикТок, порачувајќи дека има простор да се постигне договор за споделување на сопственоста на компанијата, а потпиша и извршна наредба со која официјално ги означи картелите за терористички организации.

„Ова е извршна наредба која ги означува картелите и другите организации како странски терористички организации“ изјави Вил Шарф, Шеф на службата на Белата куќа.

  • „Ова е значајно. Луѓето го бараа ова со години. Значи, тие сега се означени како странски терористички организации. Најверојатно ова нема да му се допадне на Мексико, но ние мораме да го направиме тоа што е правилно“ изјави Доналд Трамп, американски претседател.

Не одговори директно дали тоа значи дека оваа извршна наредба е доволна основа за испраќање на американски специјалци во Јужна Америка да се справат со картелите.

Меѓу другите извршни наредби кои новиот америклански претседастел ги потпиша вчера беше и започнување на процесот за повлекување од СЗО и прогласување на вонредна состојба на јужната граница на САД.

Додека потпишуваше Трамп одговараше и на прашања на новинарите, и очекувано, дел од нив се однесуваа и на неговото ветување за завшрување на војната во Украина.

  • „Зеленски сака да постигне договор, не знам Путин дали сака. Можеби не сака. Треба да постигне договор, мислам дека ја уништува Русија со тоа што не постигнува договор“ посочи Доналд Трамп, американски претседател.

Исто како и во првиот мандат, Трамп повторно ги повлече САД од Парискиот климатски договор, потпиша наредба за „одбрана на жените од полова идеологија“ и „Обнова на биолошката вистина на федералната влада“. Покрај тоа, ѝ нареди на федералната влада да ја обнови слободата на говорот и да спречи владино цензурирање на слободата на говор.

Тоа што особено ги загрижува демократите е наредбата со која се бара одговорност од сите функционери во претходната администрација за мешање во изборите.

Сите овие активности на неговиот прв ден на функцијата посочуваат дека Доналд Трамп не сака да изгуби ниту минута од вториот мандат за да ги спроведи своите политики.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе