Американската агенција за односи со јавноста и маркетинг „Дашл груп“, со која Скопје и ВМРО-ДПМНЕ имаат официјален договор од 2015 година, го поканила македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Вашингтон, а не новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, објави бугарскиот портал „Лупа“, (lupa.bg), повикувајќи се на „добро информирани дипломатски извори“.
Од владата реагираат на написот и велат дека посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, САД за време на инаугурацијата на Трамп е службена посета, а не приватна. Исто така посочуваат дека владата нема никакви релации и важечки договори со агенцијата која е посочена во конкретниот текст.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, пред неколку дена во интервју на ТОП Тема на Телма најави дека ќе биде дел од делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која на 18 јануари заминува за Вашингтон по покана за инаугурација на новиот претседател на САД при што се очекуваат средби со повеќе политичари, дипломати, функционери и бизнисмени.
Според извори на „Лупа“, бугарскиот претседател Румен Радев не добил покана за инаугурацијата на Доналд Трамп. Покани немаат ниту претседателката на Бугарското народно Собрание Наталија Киселова, новиот премиер Росен Жељазков и министерот за надворешни работи Георг Георгиев, се вели во текстот.
Од друга страна, грчкиот Екатимерини вчера објави дека премиерот Мицкоски има покана за посета за време на инаугурацијата на новиот американски претседател.