Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Гевгелија за продажба на вода и услуги не наплатило 2.854.000 евра, а овие побарувања се постари од три години, што укажува на нивна ненавремена наплата, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР). Со тоа постои ризик побарувањата кои се тужени и отворени стечајни постапки од правни лица во износ од речиси 362.000 евра со рок од 6-10 години, да не се наплатат.
Ревизијата покажала и дека изградените инфраструктурни објекти (водоводна и канализациона мрежа) во 2023 година, не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, а кај 27 отсто од останатите градежни објекти со вредност од околу пет милиони евра, претпријатието не поседува имотни листови.
„Општина Гевгелија му должи на претпријатието 394.000 евра за одржување на комуналната хигиена и паркови, а се оспорува извршена услуга за дислокација на водоводна линија во износ од над 110.000 евра. „Комуналец“ Гевгелија стопанисува со објектот Градски пазар, без одлука на советот на општината“, се наведува во ревизијата.
Ревизијата открила и 54 проценти загуба на вода, што влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.
Најголем дел се техничките загуби и се однесуваат на дефекти и протекувања на водоводната мрежа, потоа нелегални приклучоци и неисправни и неточни водомери, како и нефактурирана потрошувачка од јавните чешми и приклучоци на водоводната мрежа од кои се врши поливање на паркови и зелени површини.