Оптимизмот како добра и позитивна енергија не е ништо спорно, но една американска изрека вели „надеж не е стратегија“, не можете преку надеж да планирате и проектирате државни процеси, вели Петар Арсовски, политички аналитичар, во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ во врска со евроинтеграциите.
„Особено за овој дали ќе ја носиме Европа дома или ние ќе одиме во Европа, дали повеќе ќе се фокусираме на домашни реформи или на членството во Европската Унија. Јас мислам дека тој избор не е бинарен, не е исклучив, не е едно или друго. Сите влади мора да работат на двете. Претходната влада на СДСМ работеше премногу на членството во Европската Унија, ги запостави домашните реформи и заради тоа изгуби на изборите. Истото важи и за сегашната влада. Мислам деак и сегашната влада на еден непријатен начин ќе дознае дека само домашните реформи не се доволни“, смета Арсовски.
И најдобрите желби и најдобрите намери, продолжи Арсовски, ќе останат како фарса ако не се преточат во еден сериозен квантен исчекор за државата.
„Нашата генерација веруваше дека тој исчекор е Европската Унија. Сега гледаме дека таа парадигма, дека тоа е единствениот правец за државата, веќе полека се менува, што од оправдани причини, што од емотивен евроскептицизам дома и разочараност од импотентноста на Европската Унија да испорача некој дел од своите ветувања. Но, ние реална алтернативна стратегија не сме слушнале, ние не сме слушнале различен план, без оглед на рационализацијата – Европската Унија ќе се распадне, нема да има проширување… Во ред, планот е овој, ќе правиме ново движење на неврзаните. ќе одиме со БРИКС, ќе одиме со Русија… На крајот не е важно. Затоа велам, емоцијата на надеж и желбата да се постигне нешто подобро, не може да биде замена за рационална стратегија“, потенцира Арсовски.
Според него, 2025-та може да се покаже како година на лажен оптимизам.
„Сите тлеечки конфликти најверојатно ќе продолжат и таа ќе продолжи да биде година на политички, па и воени кризи во светот. И за мали земји како Македонија, ќе биде година полна со предизвици – економски, структурни, борба со криминал и корупција, домашни реформи, што ќе се случува со европроцесот, што ќе се случува со регионот, па и во светот. Македонија не треба да ја дочека таа само со надеж. Не би било лошо да има и некаков план“, порача Арсовски.