Очајни и избезумени, луѓе се евакуираат поради пожарите кои не стивнуваат околу американскиот град Лос Анџелес. Најмалку две лица загинаа, а десетици се повредени за помалку од 24 часа. Покриени со ќебиња, во болнички кревети и колички чекаат медицинска помош. Пеплосани и во пламен куќи, огнот се уште дивее низ предградијата на Лос Анџелес.
Сушата и силниот ветар предизвикаа 5 пожари, а пожарникарите успеаjа да стават под контрола само еден. На повеќе од 70 илјади граѓани им е наредено да се евакуираат, но некои од нив останаа заглавени во автомобилите, а други бегаа пешки, создавајќи уште поголем хаос.
- „Морав да се јавам најмалку 4 или 5 пати и морав да објаснам и кажам дека ние сме заглавени овде и нашиот автомобил не може да излезе од гаражата, бидејќи вратата од гаражата е електрична“ изјави Ненси Круз, евакуирана жителка.
- „Сестра ми се јави и ми вика, дали си добро? И во тој момент, хеликоптер ми прелета и само испушти вода. А јас мислев дека заврна. Таа ми рече не, не врне. Твојата населба гори Треба да излезеш! И штом ја отворив вратата, погледнав во дрвјата како се нишаат навистина се изгубив“ изјави Шерис Валас, евакуирана жителка.
Евакуирани се куќите на многу познати личности, а уништени се вили вредни по неколку милиони долари. Пожарите погодија 200 илјади луѓе, а службите за итна помош работат неуморно. Метрополитенската област, од брегот на Тихиот Океан до Пасадена, домот на познатата Парада на розите е зафетана од пламенот. Населбата Пацифик Палисадес е преполна со резиденции на славни личности, тука е домот на Адам Сендлер, Бен Афлек, Том Хенкс и Стивен Спилберг. Познати американски ѕвезди на социјалните медиуми објавија пораки дека се евакуирани и испратија молитви за сите кои се погодени од пожарите.
- „Имаме над 5000 хектари што изгореа. И огнот расте. Немаме процент на задржување. Имаме околу 1.000 уништени објекти, а исто така нема пријавени жртви. Имаме голем број значителни повреди на жителите кои не се евакуирале. Покрај првите екипи кои се на линијата за пожар, уште 1000 лица се распоредени, а причината за пожарот не е позната. Сепак, тоа е под истрага“ соопшти Ентони Мароне, шеф на противпожарна бригада на Лос Анџелес.
Во пожарот целосно е уништен и кањонот Темескал, популарна област опкружена со густи населби. Овие пожари се едни од најразорните во историјата на Лос Анџелес.
Теа Димковска