Поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски кој е еден од осомничените во истрагата против 23 лица во акцијата „Адитив“ се уште е недостапен на органите на прогон. Ковачевски станал предмет на интерес, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го преземало случајот од обвинителите во Битола и Кичево. Во текот на двонеделната истрага се обезбедиле докази дека и Ковачевски е вмешан. Тој е осомничен за несовесно работење во службата, но засега нема докази дека бил дел од групата на останатите директори која ја создале со цел вршење на кривични дела.
- „Моментално не располагаме со докази дека бил дел од групата. Тие се лицата кои засега се опфатени, но не значи дека тука завршува постапката и нема да бидат опфатени и други лица ќе видиме од доказите дали ќе има и други кривични дела“ изјави Абази, шеф на ОЈО ГОКК.
Ковачевски се шпекулира дека се наоѓа во Виена, а според сознанијата на Телма државата со автомобил со битолски регистарски таблици ја напуштил на 31 август на граничниот премин Меџитлија.
Министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека Ковачевски се уште има македонско државјанство и не побарал да се откаже од истото, а не сакаше да шпекулира каде се наоѓа осомничениот.
Поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов, ексдиректорите на РЕК Битола Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, како и Данчо Стојановски, кој бил директор за комерцијални работи во ЕСМ и директор на АД Пошта ја создале групата, а потоа им се приклучиле и директори на фирми со намера да прибават за себе или за друг имотна корист. Тие и овозможиле на фирмата „Браинкоде“ да добие тендер за набавка на адитиви за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од речиси 6 и пол милиони евра.
„Одредени недобронамерници, луѓе коишто им биле доверени високи позиции државни од една страна, од друга страна луѓе коишто преку ноќ без вработени формирале фирми кои до вчера се занимавале со продажба на канцелариски материјали наеднаш стануваат фирми коишто тргуваат на големо со ваков тип на адитиви и притоа заработуваат милионски суми коишто се пута три од пазарните цени“ изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Инаку според Тошковски, набавените адитиви во ТЕЦ „Осломеј“ воопшто и не биле ставени во функција, а во РЕК Битола само 5 отсто.
Групата се обидела да го прикрие движењето на парите од кривичното дело. Меѓу осомничените е и Маја Јорданова, сопственичката на фирмата. Екс директорот Стојановски и е роднина.
За директорите и за уште 4 лица е определен притвор, за едно лице домашен притвор, а за останатите мерки на претпазливост.
- „Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост“ соопштија Кривичен суд.
Абази на денешниот брифинг информираше и дека е побарано е замрзнување на имот на 5 лица. При претресите 77 на број пронајдени се 208 илјади евра. Одземени се 30 мобилни телефони, компјутери и автомобил од марката БМВ.
Марија Митевска