Урбанистите што го граделе Скопје по земјотресот, пристапувале со грижа за потребите на граѓаните, а денес не можеме да зборуваме за нашиот главен град како целина, во урбанистичка смисла, поради многуте градби. Ова го кажа Владимир Јанчевски, куратор на перформативната шетачка тура „Не зјапајте толку роматично“, што се одржа денеска на повеќе локации низ Скопје.
„Сега зборуваме за мали узурпации на секоја парцела која што ќе се најде и ќе се трансформира во место каде што може да се гради. Не се гледа градот интегрално“, кажа Владимир Јанчевски, куратор на перформансот.
Шестчасовната шетачка тура започна од студентскиот дом „Гоце Делчев“ и неговата менза, а продолжи на повеќе локации, меѓу кои се „Домче“, киното во Железничка зграда, Универзална сала, Поштата, МСУ, Албанскиот театар. Студентката по актерство на ФДУ, Мартина Даниловска ги читаше приказните за објектите од лаптоп, а учесниците на прошетката ги слушаа на слушалки, како подолг есеј.
„Ние им оставаме простор самите да почувствуваат дали тоа за нив ќе биде меланхолично, носталгично можеби или, пак, радосно“, вели Мартина Даниловска, изведувач на шетачката тура.
Турата е дел од проектот „Градот како јавност“, кој е отворен и колаборативен, со учество на студенти од ФДУ, Архитектонскиот факултет и од ФЛУ.
„Мислам дека е многу битна спојката, интердисциплинарноста во нашето поле на уметноста. Поради тоа што самиот проект и самиот концепт добива поопширна слика, поразработена, да кажеме“, рече Ивана Самандова, продуцент на проектот.
Проектот е предводен од интердисциплинарниот уметник и архитект, Филип Јовановски. Според него, шетачката тура е проба во јавност за претстава што се подготвува.
„Она што мене ме интересира е да ги тестирам границите на тоа што е изведба и што е град, преку она што го работиме изминатата скоро една декада, во некоја насока на градот како сцена. Овој проект обединува , ама и го развива во некоја следна фаза“, кажа Филип Јовановски, интердисциплинарен уметник и архитект.
„Градот како јавност“ е еден од серијата настани во јавен простор, развиени од лабораторијата „Градот како сцена“, во рамките на програмите за современа уметност и култура на платформата „Факултет за работи што не се учат“ и фестивалот „АКТО“.
Сотир Трајков