Од најголемата комора во земјава без коментар за тоа што би значело за компаниите евентуално зголемување на придонесот за пензиско, нешто што го предлага фискалниот совет како мерка за да се подобри состојбата во ПИОМ и да се намали дотурот на пари од буџетот. На ваквото прашање од Стопанската комора возвратија со одговор дека кога ќе имаат тематска прес конференција ќе може да се дискутира, со образложение дека денешниот настан е за вработување.
Jас повторно ќе кажам денеска сме на еден настан за вработливоста на постоечкиот кадар во нашата држава. Вакви теми ние ќе ги дискутираме во делот на Стопанската комора и организираме тематски пресови каде што може да поставите прашања надвор од настанот кој што денеска го организираме, вели Наташа Јаневска од СКМ
Од Комората без одговор и за тоа колку се подготвени компаниите да ја зголемат минималната плата. Ова е прва точка на која ќе се зборува во петок на средбата на синдикатите со Владата и со работодавачите. Од ССМ бараат минималецот да биде 450 евра, иако веќе и оваа сума не е доволна, а платите една од причините за иселувањето од тука.
Инаку, фискалниот совет даде предлог мислење од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање и за мажи и за жени на 67 години, а истовремено да се зголеми и стапката за пензиско осигурување за 0, 7 процентни поени односно да изнесува 19, 5 проценти.
Во однос на зголемување на стапката за пензиско фискалниот совет препорачува во 2027 да се направи анализа за фискалната одржливост на ПИОМ и во зависност од потребите постепено да се зголемува придонесот до 21 процент до 2029 година.
Но, предлозите на советот не се изгласаа во Собранието. Но, од советот и понатаму сметаат дека се неопходни вакви промени за да може да се одржи пензискиот фонд, во спротивно постојано ќе се зголемува дотурот на пари од буџетот во ПИОМ и со тоа ќе се стеснува просторот средствата од државната каса да се користат за други цели.
Според, последните пресметки за буџетот за идната година, само за зголемувањето на пензиите кое треба да се случи во март потреби се 300 милиони евра, а за да може ПИОМ да функционира над 700 милиони евра.
Ирена Чачкова