Да се стави крај на дискриминацијата во однос на слушните помагала и корисниците на тие помагала. Стереотипите за оштетениот слух со кои се соочуваат децата се наше секојдневие, самата инклузија во образовниот процес е важна, но постојат проблеми кои мора да бидат надминати, вели Лозановска- Панчевска родител на дете со оштетен слух и имплантиран кохлеар.
Стефан беше прваче, замислете ја нашата фрустрација кога никој не го разбираше таму немавме асистенти. Се боревме шест години сега веќе имаме образовни асистенти, меѓутоа мораме да потенцираме дека нашите образовни асистенти мора да знаат знаковен јазик, затоа што на крајот на краиштата нашите деца се глуви, имаат кохлеарен имплант, слушаат, меѓутоа тоа е техника која може да затаи во било кој момент и тие мора да го знаат знаковниот јазик за да може заедно да се разбереме сите изјави Ирена Лозановска- Панчевска, родител на дете со оштетен слух и имплантиран кохлеар
Во меѓувреме недостасуваат толкувачи, надгледни средства,нашите деца можат секој материјал да го сфатат, но треба да биде добро визуелно претставен за да може на детето да му стане јасно за што станува збор, додава Лозановска– Панчевска. Стигматизација во однос на користењето слушни помагала е постојано присутна и тие дечиња секојдневно се соочуваат со погледи и прашања кои не се нималку пријатни. Затоа е потребно да се подигне јавната свест дека токму кохлеарениот имплант е мостот помеѓу глувите и слушачите, вели Јовиќ – Ѓорѓиевски.
Ние живееме во општество во кое е срамота да се носи обично слушно апаратче. Оштетувањето на слухот е сетилно оштетување, исто како и видот што е сетилно оштетување. Меѓутоа не само кај нас, туку и во светот очилата се веќе дури дел од модните трендови, се носат насекаде и тоа не е воопшто чудно, но кога се носат слушните апарати е проблем, срам. Дури и самите корисници бираат подобро да не слушаат, да препрашуваат по три четири пати што ќе им кажете за да не го носат апаратчето, за да не се срамат од средината.изјави Сања Јовиќ- Ѓорѓиевски, претседателка на Здружението „Кохлеарно срце“ – Велес
Секој треба да се стави во улога на овие лица, да си замисли како е да поминат макар и еден ден без да изговорат ниту еден збор, вели Јовиќ – Ѓорѓиевски. Меѓу другите потреби на овие лица, таа ја истакнува и потребата од проширување на листата за користење на правото на скратено работно време за родителите на деца со оштетен слух, согласно степенот на потребите од рехабилитацијата на детето.
Нина Стефанова