Вести Култура Топ вести

Усвоен во јануари, новиот Закон за употреба на македонскиот јазик сѐ уште не е на сила

Иако Собранието го усвои во јануари, новиот Закон за употреба на македонскиот јазик сѐ уште не е на сила. Раководителката на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „ Блаже Конески“ , на денешното чествување на осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен на Првото заседание на АСНОМ, изрази сомнеж дека причина за доцнењето на примената на законот е изборниот процес, пролетта и доаѓањето на новата власт, на која и треба време за да ги дооформи телата што произлегуваат од законското решение и да почне да работи.

  • Очекувам да влезе во сила. Таму беше предвидено формирање Инспекторат што, колку што ми е мене познато, не е случено. И еве, во очекување сме да профункционира, рече проф.д-р Искра Пановска- Димкова, раководител на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет.

Со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, кој меѓу другото, предвидува лектори во сите државни институции, ќе се отвори пат за вработување на дипломирани студенти од Катедрата за македонски јазик, која оваа академска година е подновена со 20 бруцоши, кажа Пановска- Димкова. А, во секојдневниот говор и во медиумите има уште многу да се работи за квалитетна употреба на нормираниот современ македонски јазик.

  • Непочитување на норма во одредени ситуации, неводење сметка за акцентирањето. Културата на говор во медиумите исто така-водење сметка за дикција, за истакнување на битно од небитно, кога се соопштуваат вести, рече проф.д-р Емилија Црвенковска од Филолошкиот факултет.

Придобивките од АСНОМ за чување и негување на македонскиот јазик, денес генерално се почитуваат, рече професорот Димитар Пандев. Според него, санкционирани се другите јазици кои имале третман на службени на територијата на Македонија до 1944 година. А, Манифестот на АСНОМ придонел во развојот на современиот македонски јазик и литературата.

  • Манифестот на АСНОМ е поетски интониран , а подоцна се настанати сите други административни текстови, со што е развиен и функционалниот аспект на македонскиот јазик. Развиени се функционалните стилови, кои што подоцна  ја развиваат и современата македонска литература, кажа професорот Пандев од Филолошкиот факултет.

Во ноември 1944 година започнала со работа првата Јазична комисија, со цел да изврши кодификација на македонскиот литературен јазик. Тоа се случило на 5 мај 1945 година, со донесувањето на азбуката.

Сотир Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот министер за сообраќај претпладнево доби отказ, попладнево пронајден мртов

Дејан Дејан

Мотоциклистот кој смртно го прегази пешакот Николовски однесен во Шутка – судот му определи затворски наместо домашен притвор

Дејан Дејан

Сè е поскапено, инфлацијата повторно скокна, мерки засега во најава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе