Вести Македонија

Недостигаат лекови кои спречуваат компликации од дијабет, a бројот на дијабетичари постојано расте

Бројот на пациенти со дијабет во Македонија постојано се зголемува. Намалена физичка активност, лош начин на исхрана и дебелина која е присутна уште од најмала возраст се ризик фактори за појава на дијабетес. Со развојот на дијабетот се зголемува ризикот од кардиоваскуларни, бубрежни, очни и секаков вид на заболувања. Граѓаните треба повеќе да се грижат за своето здравје, да не пушат цигари, да внимаваат на тежината и да имаат поголема физичка активност, со цел да спречат појава на дијабетес. Ова беше заклучокот на денешниот настан по повод Светскиот ден на дијабетесот.

„Ние имаме и пораст на детската дебелина, а ако се продолжи со овој тренд тогаш бројките на дијабетичари ќе растат. Ние се трудиме со превенција на сите овие состојби да го намалиме ризикот за дијабет“, вели д-р Татјана Миленковиќ, специјалист по ендокринологија.

Во Македонија има регистрирано 120 илјади луѓе со дијабет, а од нив околу четири илјади се со тип 1. Проблемот со инсулинската терапија е надминат, но лековите кои спречуваат компликации ги има само за мал број на пациенти. Од Сојузот на дијабетичари очекуваат дека наскоро ќе биде решен и овој недостаток.

„Ние очекуваме прво да се додадат тие лекови на позитивната листа и во буџетот за наредната година да има зголемување за 10 до 15% во споредба со сегашните бројки на терапија што ја добиваат луѓето со дијабетес“, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на дијабетичари.

Министерот за здравство околу овој проблем со недостигот на лекови појасни дека за тоа ќе одлучува Комисијата формирана од Министерството за здравство.

„Очекувам Комисијата која е компетентна врз база на сите податоци и анализи да предложи на Министерството за здравство кои треба да бидат следните лекови на позитивната листа“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Изминатата година дијабетичарите ја прогласија за најтешка бидејќи немаа терапија и беа оставени сами на себе да се снаоѓаат.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата ќе чека Синдикатот и работодавачите да се договорат за 450 евра минимална плата

Дејан Дејан

Невладините бараат 130 милиони денари за превенција и терапија од ХИВ вирусот, владата предвиди 90 милиони

Дејан Дејан

Невладините бараат 130 милиони денари за превенција од ХИВ, наместо предвидените 90 во Предлог буџетот за 2025 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе