Пласирањето на парите од унгарскиот кредит кај бизнисот само преку една банка е ризично и тешко да се реализира. Иако, министерката Кочоска изјави дека една банка била подготвена да субвенционира дел од трошоците за каматата на кредитите за фирмите од унгарските пари и дека нема ништо спорно целиот процес да се одвива само преку една од нив, од банкарскиот сектор за Телма брифираат и предупредуваат дека ако се случи тоа, банката презема ризик и може да дојде до нарушување на адекватноста на капиталот, односно да не биде кредитно способна да издава други кредити.
Состанокот на кој банкарите и владата треба повторно да се договараат околу парите од унгарскиот заем треба да биде во недела. Бизнисот не е поканет на средбата. Првиот човек на најголемата комора во земјава Азески вели дека тие се само набљудувачи на процесот, но низ шега рече дека до тогаш има време, па може би ќе добијат покана. Свесен е дека секој треба да ги брани своите интереси, но дека провизиите на банкарите не треба да бидат напумпани.
„Не реков дека нема да пуштат покана, досега не сум добил но слушам дека се припрема средба и не знам зошто е во недела. Сега бидејќи и преговараат тие мислам дека е транспарентно поставено и дека ако е каматата 3,25 не може да земе провизија некоја баснословна сума се знае колку е провизијата, изјави претседателот на СКМ, Бранко Азески.
Тој е оптимист дека во недела ќе се постигне договор и парите наместо да стојат на сметка ќе им бидат на располагање на компаниите, кои ги стопираа своите проекти и ги чекаат средствата. Азески апелира да се отвори прашањето и за капитализација на домашната развојна банка затоа што има потреба од оваа институција.
Во пресрет на средбата која ќе се одржи викендов, премиерот Мицкоски рече дека очекува банкарите да бидат општествено одговорни и да не им наплаќаат дополнителни трошоци на компаниите за кредитите од унгарските средства. Околу 250 милиони евра со каматна стапка од 3 ,25 отсто треба да завршат кај бизнисот. Неофицијално за пласман на парите банкарите побарале приближно толку да изнесуваат и банкарските трошоци. Спорна точка е и рокот на враќање на заемот. Во банкарскиот сектор тој е од 7 до 10 години, а владата бара да биде 15 со три години грејс период.
Во меѓувреме додека се преговара со банките да не наплаќаат дополнителни трошоци за кредитите за фирмите, државата на истите тие банки им продава државни обврзници со повисоки каматни стапки од онаа по која се нудат кредитите на бизнис.
Ирена Чачкова