Експропријацијата и неексплодираните бомби и гранати заостаните од војните се најголемите предизвици при изградбата на автопатот во должина од 40 километри кој е дел од коридорот 10д што ќе ги поврзува Прилеп и Битола. Поголем дел од имотно правните односи се решени, а паралелно војска врши отстранување на околу 20.000 бомби и гранати кои се откопуваат при изведување на градежните работина, со што изведувачот „Бехтел&Енка“ сега има фронт за работа од 8 километри, соопштија денеска од ЈП за државни патишта. Трасата се движи паралелно или по линија на постојниот магистрален пат од Прилеп до Битола.
„Од околу 1300 катастарски парцели, изврешна е експропријација на 850, остануваат уште 450. Еден од главните проблеми е деминирањето. Најдени се 19.500 експлозивни направи, извадени се околу 200“, рече Коце Трајановски, директор на ЈП ДП.
Во увидот на работите извршија премиерот Мицкоски, министерот за транспорт Николовски, американската амбасадорка Агелер. Се очекува делницата ќе биде готово за три години, а дотогаш возачите ќе треба максимално внимателно да управуваат по магистралниот пат од Прилеп до Битола, кој е сообраќајна црна точка, каде, речиси, секој месец се случуваат тешки несреќи со жртви. Власта најавува целосно автопатско поврзување на Скопје со Битола, а мачната сообраќајна делница на Плетвар да замине во историја.
„Со завршувањето на овој автопат од Прилеп до Битола, како и со пуштањето во функција на експресниот пат од Градско до Прилеп кој што оди во три секции и тоа од Градско до Дреново ќе биде готов до Нова година, Дреново до Фариш некаде март следната година и во текот на следната година и од Фариш до Прилеп и кога ќе се заврши и овој автопат од некаде 40-тина километри, очекувам за три до три и пол години од денеска, од Скопје до Прилеп да се патува во едно пријатно патување од еден час и десетина минути, а до Битола еден час и триесет минути“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски
Што се однесува за пругата кон Бугарија, која е дел од коридорот 8, премиерот соопшти дека дијалогот што се водеше во Софија за три недели ќе продолжи во Скопје. Тврди дека македонските аргументи за заеднички проект за тунелот, како и Бугарија да го заврши својот дел од железницата, се прифатени. Мицкоски вели се отвора простор ова процедура да почне од почеток. Но, бугарскиот медиуми пренесуваат дека на средбата се разговарало само за технички прашања кои македонската страна ги користи за политички пораки.
Реагираше и опозицијата. „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се фалат со проектите на СДСМ кои ги напѓаа и велеа дека се криминални. Од историски криминал коридорите што ги гради „Бехтел&Енка“ станаа историски значајни проекти, а слепите тунели кон Бугарија наеднаш прогледаа“, велат од СДСМ.
Емилија Мисирлиевски