Општините со кои раководат кадри на коалицијата „Вреди“ ќе го финансираат Албанска Академија на науките и уметностите, кој очекуваат да добие и институционална форма.
Без да прецизира колку средства ќе се одвојуваат од општинскиот буџет, тетовскиот градоначалник, Биљал Касами, рече дека ќе ја поддржат идејата затоа што сметаат дека Албанците треба да бидат претставени соодветно и на академско ниво.
Иако нивниот коалициски партнер ја отфрла идејата за паралелна Академија, со став дека науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира, Касами вели дека се отворени за дебата.
- „Сигурно дека го почитуваме ставот на нашиот коалиционен партнер околу овој проект, но исто така сакам да подвлечам дека ова е многу, ќе кажам, понормално од тоа што порано пред десетина години била реакцијата на политиката за вакви слични проекти“, изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Според членовите на Академското здружение за наука и уметност на Албанците неопходноста за создавање Албанска академија е инертноста на МАНУ за реформи. Елаборат до Владата доставиле и пред повеќе од една година.
- „Ние се обидовме да развиеме еден општествен дијалог за ова прашање. Бараме од новинарите, од политичарите да не гледаат како пријатели, како луѓе кои се занимаваат со научно – истражувачка дејност“, изјави Хасан Јашари, претседател на Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово.
Ставот на ВМРО ДПМНЕ, на новинарско прашање, уште еднаш го повтори владината портпаролка, дека во земјава веќе има Академија.
- „Цениме дека во науката никогаш не треба да се даваат никакви други примеси, освен за тоа како да се унапреди. Во Македонија има таква институција, тоа е МАНУ“, Марија Митева, портпаролка на Влада на РСМ.
Средбата на градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир со членовите на Здружението се одржа во Тетово, каде треба да биде и седиштето на Академијата.
Данијела Билбилоска