Фолклорот е најдобар показател на македонската национална самобитност, вели во интервју за Телма, професорот Марко Китевски годинашниот добитник на наградата 11 Октомври за животно дело. Во интервју за Телма, тој истакнува дека сега фолклористиката не е застапена во училиштата, а после војната фолклорот бил единствената лектира.
За творештво и животот на Китевски, со него разговараше Симона Петровска.
Телма: Минатата година одбележавме 120 години од Илинденското востание, како и од загинувањето на великанот Гоце Делчев, кој е опеан во многу народни песни. Зошто Делчев бил голема инспирација за народот, за творците на песните?
- Китевски: Гоце Делчев бил голема инспирација затоа што бил искрен кон делото и затоа што имал харизма, каде што ќе се појавел луѓето му верувале. Тој бил голема инспирација и затоа уште и пред историчарите да го вреднуваат неговото дел, народот веќе му подигнал споменик испевајќи за него стотици песни. За Гоце има над 200-300 песни и после Марко Крале тој е најопеан јунак на овие простори.
Телма: Вашето неколку децениско творештво, со повеќе од 25 дела, го заокруживте со книгата „Македонска борбена народна поезија- јунакот падна, бајракот не падна“, колкава е силата на песната?
- Китевски: Песната била таа што го одржувала народот низ вековите, песната може да поттикне, може да инспирира и секога песните биле тие што создавале расположени борците во текот на Илинденскиот период и подоцна после одредени моменти кога пееле песната била таа што ги инспирирала за нови подвизи.
Телма: Како ќе го опишете ова време, каква историја создаваме, на каде се движиме, имајќи в предвид дека фолклористиката ја нема веќе во наставните програми?
- Китевски: Фолклорот како да е изоставен од наставните програми, а фолклорот е најголем показател за македонската национална самобитност. Преку фолклорот ние најмногу можеме да ја докажеме нашата национална самобитност. Меѓутоа фолклорот во последно време е исфрлен и од лектирите и од учебниците, а по војната бил единствена лектира, кога немало доволно пишувана македонска литература, фолклорот бил тој што ја заменувал литературата. И Блаже Конески, збирката на македонски народни песни што ја објавил во 1945 година, напишал „сакам на овие песни да се гледа како дело на еден поет“, се мисли на народот и вели „народ што создал таква поезија нема да изостане ниту во уметничката поезија“. И тоа навистина се случи ние имаме развиена литература со препознатливи белези, а тоа е националната димензија што го дава фолклорот.
Телма: Г-не Китевски, денеска ја добивте наградата за животно дело 11-ти Октомври во областа на науката, како истражувач на македонскиот фолклор. Што значи за Вас оваа награда и дали е поттик за да продолжите со истражувањата во иднина?
- Китевски: Оваа награда секако многу ми значи, бидејќи е награда за животно дело, за нешто што е работено цел живот. Јас пет децении работам на истражување на фолклорот и самиот потекнувам од село па така фолклорот го носам со себе си, бидејќи како дете учествував во изведувањето на тие обичаи и песни. Како се вели, на изворот го имам почувствувано фолклорот и тоа ми беше една вечна инспирација. Во текот на овие години објавив седумдесетина книги и други трудови и се надевам дека додека ме држи здравјето и понатаму ќе давам придонес, бидејќи сакам да оставам нешто на генерациите затоа што тоа е за татковината.