Македонската филхармонија е дијамант, вели шеф- диригентот на нашиот најстар музички колектив, Јерухам Шаровски од Израел, пред концертот во четврток, на кој ќе диригира, а со кој што Филхармонијата ја отвора сезоната 2024/25, насловена „ Одисеја“, во која прославува 80 години постоење. Шаровски и даде комплимент на Македонската филхармонија, базиран на долгогодишното искуство од соработката со оркестарот, започната пред 21 година.
- Можам да ви кажам дека се многу посебна група, не само професионално, туку и како луѓе. Секогаш се чувствувам многу среќен, кога имам можност да се сретнам со нив, повторно . Кога ќе почнат да свират , тоа е како дијамант. И малку да се полира станува светол. Имаат многу посебен звук , многу специјална енергија и голема страст за тоа што го прават, кажа Јерухам Шаровски, шеф – диригент на Македонската филхармонија.
Концертот ќе започне пригодно, со светска премиера на „ Јубилејната фантазија“ од нашиот композитор Борис Светиев. Ќе биде изведена симфонијата „ Манфред“ од Чајковски , но и „ Шест едноставни песни“ и „Песната на Мариета“, од операта „ Мртвиот град“, на Корнголд. Како солист ќе настапи нашата оперска певица, со светско реноме , сопранот Ана Дурловски.
- Најубавиот момент , фатен во музиката на смртна разделба, е една од композициите која што ќе се изведе. И навистина, можеби е моето најомилено парче во оперската литература, рече Ана Дурловски, првенка на Македонската Опера.
Фокусот во јубилејната концертна сезона е на премиерни изведби на дела од домашни композитори, но и на настапи на солисти и диригенти од Македонија и од странство. На 28 ноември, ќе настапи и нашиот пијанист Симон Трпчески.
- Внимателно беше правена програмата , за да бидат застапени сите инструменти, баланс меѓу пијанисти, гудачи, соло пејачи и т.н, кажа Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.
Програмата вклучува и работилници за најмладите , па Котевски очекува интерес кај пошироката публика за сите содржини во јубилејната сезона.
Сотир Трајков