На нивите во тетовско сѐ помалку има грав, кој се смета за бренд на овој крај. Но, и таму каде што е посеан, годинава има многу мали приноси. Високите температури и немањето доволно вода, негативно влијаат на родот.
Поради многуте предизвици со кои се соочуваат, поголем дел од земјоделците се откажале од одгледување на „тетовец“, затоа што не им се исплати трудот што го вложуваат.
„Не сеам, да го посеам само маката ќе ми остане. Направија хидроцентрали, ни ја уништија водата и пола од луѓето не садат“, вели Мирко Ѓорѓевски, жител на село Теарце
„Оваа година што беше горештина која го изгоре на тие луѓе што го имале посеано“, изјави Адем Халити, жител на село Теарце.
„Над 35 степени гравот не биднува. Тоа го зборувам од пракса, годинава за лек нема цела тетовска околија. Веројатно поради климата. Во последно време го нападнаа и разни штетници“, смета Сретко Анчевски, жител на село Доброште.
Земјоделците сведочат дека пред повеќе години гравот давал добар род. Препознатлив по крупното зрно, тој бил надалеку познат.
„Јас сум 70 години земјоделец, ова не паметам. Од година в година е сè полошо и полошо. Јас од хектар и пол сум берел по 3, 5 тони грав пред 15 години“, додава Анчевски.
„На пример од еден декар имало 100, сега има 30-40 килограми. Не му се исплаќа на човек само патот да го оди, до нива и назад“, вели Ѓорѓевски.
„Тетовскиот грав бил познат во Хрватска, Словенија. Секаде. Сега го нема“, истакна Халити.
Недостатокот на тетовскиот грав вешто го користат трговци и препродавачи кои гравот набавен од други земји, на пазарот го продаваат под името „тетовски“. За килограм „тетовец“ се наплаќа и до 350 денари, додека увозниот е со пониска цена.
Данијела Билбилоска