Нови манипулации на грбот на потрошувачите регистрирале инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДЗИ) по воведување на есенската потрошувачка кошничка. Само во четвртокот во еден ден, инспекторите изрекле казни во висина од два милиона денари, а од почетокот на мерката до денеска вкупниот износ е 4.300.000 денари. Забележани се празни рафтови во некои големи маркети, а трговците вметнуваат и нови производи или, пак, ја намалуваат или зголемуваат грамажата на производот, како што е забележано кај кафето, лебот и киселото млеко.
Изигрување на сметка на потрошувачите е забележано и во делот на мерните единици, на што дополнително ќаруваат трговците. Наместо водата и јогуртот да тежат според регуларната мерна единица литри или милилитри, во маркетите веќе има амбалажи во килограми или грамови.
Трајковски најави запленување на производи, доколку не се почитуваат мерките на Владата за есенската потрошувачка кошничка, а, пак, денеска заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески од Штип истакна дека има намалување на цените во порценти во зависност од бруто профитната маржа, особено намалување има на млекото, сирењето, месото и кашкавалот и на дел од овошјето. Што се однесува за Законот за нефер трговски практики, Комисијата за заштита на конкуренцијата врши контрола по што ќе следуваат и казни.
Според Ристески, едно македонско просечно семејство со есенската потрошувачка кошничка треба да заштеди од 1.000 до 1.500 денари, а заедно со училишната достигнува и до 5.000 денари.
Викторија Јованова