Не смееме да го потцениме присуството на Унгарија во регионот и улогата која што Унгарија си ја презема на себе на Балканот подолг период, порача извршната директорка на ЕПИ, Симонида Кацарска во вечерашната Топ Тема на Телма, во која тема беше посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и продлабоченото партнерство со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа посочи на водечката улога која Унгарија ја презеде во регионот за време на бегалската криза од 2015 година, и еден од главните интереси на Унгарија е менаџирање на балканската транзитна рута.
Унгарија се гледа себеси како држава која што сака да се наметне на Балканот и пред се преку премиерот Орбан, тие врски ги одржуваат и со Србија. И, сега повторно на некој начин за многумина ова звучи како враќање во јатото на Орбан, на оваа држава која што веројатно одреден период не беше сметана како дел од најголемите сојузници на премиерот Орбан, што за нас долгорочно ќе има последици и влијание во однос на тоа како ќе се позиционираме во однос на другите држави во ЕУ, рече Кацарска.
Новинарката Светлана Јовановска забележа дека Орбан е за проширување, но според негови стандарди, но за жал таа врска помеѓу неговата партија Фидес и ВМРО-ДПМНЕ не ни издејствува старт на преговорите.
Унгарија претседава со ЕУ, но гледаме дека земјата се наоѓа во еден вид на бојкот од другите земји членки. Ние засега немаме видено некој голем ќар од тоа братство, рече Јовановска.
Во однос на пораката од Орбан дека „следната станица е да се спогодите со Бугарија“ како и појавувањето на информациите дека на премиерот Мицкоски во Брисел минатата недела му било кажано дека предлогот за дложени уставни измени за ЕУ не е прифатлив, Јовановска смета дека единствениот пат до решението води преку Софија.
Во ЕУ секогаш ќе има некој кој ќе сака да нѐ слушне, но мислам дека решавањето на проблемот лежи во Софија и во дијалогот меѓу Скопје и Софија, рече Јовановска.
Сепак, Јовановска не гледа можност во моментов тоа да биде направено, и посочи дека не очекува во наредните 5 години да има проширување на ЕУ. Од друга страна, Кацарска предупредува дека не треба дополнително да се подгрева анимозитетот кон ЕУ.
Не треба да подгреваме ниту анимозитет кон ЕУ, бидејќи самото одвојување на Албанија беше јасно и најавено од пред некое време. Всушност тој анимозитет потекнува од 2019 година и изјавите на францускиот претседател којшто прв пат формално рече дека двете држави мораат да одат заедно поради некои прилично невообичаени фактори коишто тој ги издвои тогаш, иако веројатно имало други полегитимни во позадина, рече Кацарска.