Орхан веќе 41 месец престојува во Воспитно-поправниот дом – Тетово, мерка која му е изречена поради судир со законот. Наскоро ќе излезе, а во овие помалку од четири години, како што вели во разговор со новинарската екипа на МИА, научил повеќе вештини, меѓутоа, не се стекнал со формално образование.
Пред да биде упатен во Домот, штитеникот успеал да добие свидетелство до четврто одделение, и тука застанува неговото образување.
– Полнам 41 месец откако сум тука. Времето го исполнувам со спортски и воспитни активности. Имаме работа во кујна, обука за изработка на пластични завеси и компјутерски вештини. Тука се здобив со сертификат за бербер, за компјутери, за столарство. Учев, но немавме свидетелство и тоа не е баш добро. Имам учено до шесто одделение, а имам свидетелство до трето или четврто, вели Орхан (името на штитеникот е измислено заради заштита на неговиот идентитет).
Тој е еден од 17-те штитеници во Домот, од вкупно 25, кои немаат завршено основно образование. Осуммина од штитениците се неписмени, а во моментов тројца се запишани во средно училиште – вонредно.
Проблемот со недостигот на образование во воспитно-поправните установи и неможноста институциите да го формализираат остава ненадоместливи последици врз животот на Орхан и другите штитеници кои низ годините ја издржуваат мерката во Домот, а излегуваат оттаму необразовани.
Покрај многуте написи на МИА за ова прашање, апели од Народниот Правобранител и Европската Комисија, во нивна корист и Основниот граѓански суд на Република Северна Македонија во 2022 година утврди повреда на еднаквост во остварувањето на правото на образование и донесе пресуда со која ги задолжува тужените Министерство за правда, Управа за извршување на санкции, Министерство за образование и Воспитно поправен дом – Тетово за учебната 2022/23 година да обезбедат формално основно и средно образование во ВПД-Тетово.
Две години подоцна, новата учебна година е во тек, а задолженијата од пресудата не се исполнети. Образовниот процес за штитениците од ВПД-Тетово не започна. Како и лани, овие деца на првиот училишен ден повторно не седнаа во училишните клупи да учат. Годинава нема проект, како што досега со прекини се спроведуваше образованието, а најавените законски измени коишто трајно ќе го решат проблемот, се очекува да бидат усвоени во ноември.
МИА