Култура Топ вести

Унковски за Стамеска: Умееше да го одигра недофатливото

Долг аплауз во салонот на Драмски театар , како последен поздрав за починатата колешка , првенката Снежана Стамеска , на комеморацијата по повод нејзиното заминување од сцената наречена живот, на 7 септември.

За нејзината особенa актерскa изразност и прецизност во работата, но и човечност, со пиетет зборуваа колегите од нејзината матична куќа.

  • Таа умееше да го одигра недофатливото. Енергија , опасност или среќа што доаѓаат од некаде, а само нејзиниот лик, во нејзина интерпретација , го чувствува тоа. Го предчувствува и предвреме се плаши, го тажи или се радува скриено, се вели во писмото од режисерот Слободан Унковски, што го прочита актерот Робенс Муратовски.

Ова е дел од писмото на режисерот Слободан Унковски, по повод смртта на Стамеска, со која од 1972 до 1992, работеле повеќе претстави, меѓу кои се: „ Јане Задрогас“, „ Диво месо“ и „ Ослободување на Скопје“. Во нејзината плодна кариера се забележани над 70 рољи во Драмски, каде го помина работниот век, но и во други театри, како МНТ. Таа дипломира 1970 година во Белград, а специјализираше во Париз.

  • Го имаше и парискиот шарм и белградската човечка широчина. Како само слатко зборуваше за нејзините оброци во Париз. Тогаш јас прв пат слушнав дека постои некој леб што се вика багет, од кој што се прави сендвич, рече Силвија Стојановска- актерка.

За исклучителните постигнувања , Снежана Стамеска беше повеќекратно наградувана. Од МЕСС се врати со Златен ловоров венец за улогата на Лица во претставата „Ослободување на Скопје“, на „ Чернодрински „  освои награда за улогата на Вера во претставата „Среќна Нова ’49“, од ревијата Екран беше двапати наградена , за ликот на Зоја во „Зојкиниот стан“ и за улогата на Ана во „ Платонов“. „Стеријно позорје“ ја награди за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“, а добитничка е и на наградите „ 11 Октомври“ и „ Климент Охридски“.

  • Снежана Стамеска е првата факултетски образувана актерка на Македонија. Пред неа има уште една жена . Тоа е големата актерка Тодорка Кондова- Зафировска , но таа беше на режија. Лично чувствувам голема празнина зашто Снеже беше голема актерка, прекрасен човек, пријател, кажа Благој Чоревски- актер.

Беше пример како се игра и пред камера, преку нејзините остварувања на филмот и телевизиските серии: „Коктел за четворица“, „ Кукла “ , „ Жена од малтер“,  „ Нели ти реков“, „ Солунски патрдии“ , „Трст виа Скопје “ и др. Стамеска почина на 79 годишна возраст, по долго боледување, а по неа останува споменот за лавица,  во театарот и воопшто во животот.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожар кај Психијатриската болница во Бардовци – евакуирани пациенти и персонал

Дејан Дејан

КОД: „Пулс“ во Кочани – дивоградба претворена во кабаре без дозвола и заштита

Дејан Дејан

Кој ќе го наследи Мустафа во Судски?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе