За еден месец драстичен скок на цените кај зеленчукот. Статистика измери дека во август во однос на јули поскапел за 10 отсто- најмногу од сите други продукти. Зголемување на цените иако минимално има и кај овошјето.
Министерот за земјоделство кој пред неколку дена соопшти дека ги поделил заостанатите субвенции, не прецизираше точно што ќе се преземе за да се намали притисокот од високите цени кои се евидентни токму кај овошјето и зеленчукот. Рече само дека бил во координација со неговите колеги.
Неизвесно е и што ќе се случува со законот со кои се ограничуваат профитните маржи. До крајот на месецов добавувачите и купувачите имаат рок да ги усогласат договорите и да почне примената на законот. Откако минатата недела од Стопанската комора испратија две писма до премиерот со кои прво бараа бришење и одложување на законот, а потоа со нов допис се откажаа од барањата, денеска од ССК со отворено писмо до јавноста во кое се наведува дека ако дојде до бришење на делови од законот тој ќе ја изгуби смислата.
Во законот се уредени правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката помеѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики, пишува во дописот од Сојузот на стопански комори.
Паралелно со законот се донесе и листа на која се најдоа над 2600 производи чии маржи во иднина не треба да бидат повисоки од 10 отсто. На списокот има основни но и луксузни производи, а се најдоа и алкохолот и цигарите.
Дел од производителите за Телма изјавија дека токму високите маржи се една од причините за високите цени. Не се оптимисти дека законот ќе се стави ред, затоа што тоа се пари од кои трговците лесно нема да се откажат.
Трговците пак сметаат дека законот треба повторно да се разгледа, а неговата примена да почне со новата календарска година кога ги правата годишните бизнис плановите. Но, бараат и да запре праксата со ограничување на цените и да се остават слободно да се формираат на пазарот. И додека се чека да се најде решение од кое ќе бидат задоволни сите страни, граѓаните секојдневно се борат со скапотијата, принудени се да се откажат од некои производи кои претходно ги користеле, а од пазарување се враќаат со полупразни торби.
Ирена Чачкова