Вести Македонија

Делумна смена во историските комисии со Бугарија и со Грција

Во идните неколку недели ќе се разреши прашањето со кадровските промени во македонскиот тим во мешовитата историска комисија со Бугарија, но и во историската комисијата со Грција. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска информираше дека смената нема да ги зафати сите членови на комисиите. Сепак детали за тоа ќе бидат новите и кои членови од актуелните комисии ќе продолжат со ангажманот не се откриваат.

  • „Факт е дека треба одредени кадровски промени, не целосни. Исто така сметам дека треба да има и одреден континуитет од кадровска гледна точка. Се уште се консултираме меѓусебно за тие кадровски промени. Сметам дека во следните неколку недели ќе има и конечна одлука. По однос на кадровските прашања, не би можел во моментов детално да ви одговорам. Но тоа што ќе ви кажам е ќе има и промени, но ќе има и одреден континуитет и во двете комисии“, изјави Муцунски.

Прашањето за смена на членовите на македонскиот тим во мешовитата комисија со Бугарија ја отвори пред две недели премиерот, Христијан Мицкоски, кој тоа го објасни како нормална работа со смена на власта, но и дека историчарите од македонската страна не ги оправдале очекувањата и не ги штителе интересите на македонскиот народ.

Муцински на прашањето кои се конкретните забелешки на работата на македонските историчари, со оглед дека повеќе од две години работата на Комисијата со Бугарија не е поместена од мртва точка, додека историската комисија со Грција неколку години наназад е далку од очите на јавноста и последните детали за нејзината работа се од пред околу пет години, даде дипломатски одговор.

  • „Сметам заради специфичната природа на тоа што го работата тие две комисии, не можеме сите работи во јавност да ги кажеме, бидијќе, нели, една од функциите е да штитат стратешки надворешно-политички позиции по однос на различни аспекти. Но имаме свои забелешки, би ги задржал за нас, ќе повторам, поради специфичноста на работата која тие ја вршат“, вели Муцунски.

Муцунски по средбата која ја имал со првиот човек на македонскиот тим во Комисијата со Бугарија, историчарот Драги Ѓоргиев, на почетокот од август, средба имал и со амбасадорот Виктор Габер кој го предводи македоскиот тим во Комисијата со Грција. Детали од средбите не се окриваат. Телма веќе објави дека на средбата со Ѓоргиев, како што дознаваме, не било разговарано за кадровски промени.

Муцунски пак е изненаден токму од Ѓоргиев, кој според него деновиве се обидел политички да се профилирал додека се уште е во мандат како прв човек на Комисијата, откако Ѓоргиев јавно реагираше по изјавата на премиерот Мицкоски дека тој коленичел пред министерски и премиерски кабинети. Ѓоргиев во реакцијата изјавата на Мицкоски ја оцени како навреда на членовите на Комисијата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓорѓиевски: Mоќта на градоначалниците е преголема и тоа треба да се ограничи

Дејан Дејан

Централна Европа се справува со катастрофалните поплави

Дејан Дејан

Променливо облачно и свежо – Временска прогноза за 16.9.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе