Додека во Софија не биде избрана политичка влада, вицепремиерот за транспорт и врски, Александар Николовски, нема да разговара и да одговара на пораките кои стигаат од техничката влада од Бугарија, чии членови денеска ги нарече маргиналци на бугарската политичка сцена.
Николовски, кој порано беше претседател со Националниот совет за евроинтеграции, изјавата ја даде откако МНР на Бугарија вчера излезе со реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека преговарачката рамка со ЕУ, односно францускиот предлог, може да биде дополнет, односно репреговаран, на што од Софија стигна порака дека такво нешто нема да се случи ниту со техничка ниту со политичка влада во Бугарија.
„Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Не знам сега, не сум сигурен кога им се изборите, затоа што до толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада, веќе не можат луѓе да најдат за во техничката влада. Такашто нека си ги средат прво дома работите,нека изберат политичка влада и ќе седнеме и зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе кои што ловат политички поени, а кои што се политички маргиналци во моментов во Бугарија, затоа што се претставници на влада којашто нема легитимитет од никого“, изјави Николивски.
Менување на преговарачката рамка во делот на условеноста кластерите во преговорите со ЕУ да бидат отворени откако ќе бидат изгласани уставните измени во Македонија за впишување на бугарското малцинство во него, е едно од ветувањата на новата влада, за што премиерот Мицкоски пред два дена на прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, одговори дека треба да се почекаат парламентарните избори во Бугарија, да се избере политичка влада таму, па потоа да се седне на маса и да најде решение за деблокирање на земјава.
„Овие додатоци од типот на Француски предлог, можат да имаат дотаток уште еден – Француски предлог плус, итн.“, изјави Мицкоски.
Софија не чекаше многу да одговори на ова велејќи дека изјавата на Мицкоски отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја.
„Привремената влада на Република Бугарија е легитимна влада која ги има сите прерогативи за управување со земјата. Таа останува отворена за дијалог со Северна Македонија, а во исто време подвлекуваме дека, без разлика дали е воден од привремена или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопјe“, се наведува во рекацијата од бугарското МНР.
Од бугарското МНР и со порака дека на владата во Македонија треба да и е јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Тамара Грнчароска