Семејството на бегалецот од куќен притвор Блерим Рамадани бара од тамошните власти тој да остане во Косово и покрај распишаната централна потерница од Македонија.
А, додека тој е на слобода, во земјава не стивнуваат обвинувањата на релација власт и опозиција.
Се лоцираат виновници, се префрлува одговорноста – кој дозволи поранешниот припадник на ОВК, Рамадани, да им избега на органите на прогонот.
Од опозициската СДСМ велат дека Владата спинува, се демантира себеси и премиерот лаже дека вината е единствено кај судот. Прстот го вперуваат во министерот за внатрешни.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ самата себеси се демантира во обидот за манипулација и спин во однос на скандалот со бегството на Блерим Рамадани. Последната комедија којашто ја гледаме токму на оваа тема се изјавите на Александар Пандов и на вицепремиерот Изет Меџити коишто јасно посочија дека вината и информациите за тоа како избегал Блерим Рамадани треба да се бара во Министерството за внатрешни работи. Кој кого залажува овде?!“, вели Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги повикува институциите да отворат постапка против судијата кој го стави Блерим Рамадани во куќен притвор, обвинувајќи го Пајазити од Кривичен дека е кадар близок до СДСМ и ДУИ.
Премиерот Мицкоски вчера, пак, порача дека не смее да се дозволи соседите да ја користат Македонија за да си покажуваат мускули помеѓу себе.
„Кадрите на СДС и ДУИ во судството го пуштија Блерим Рамадани да избега. Неопходни се итни реформи во судството. Пајазит Пајазити – судија близок до ДУИ и СДС го пушти Блерим Рамадани во куќен притвор за лесно да избега. Секогаш кога СДС и ДУИ имаат интерес, тука е Пајазит Пајазити. Бараме институциите веднаш да отворат постапки и Пајазит Пајазити да биде разрешен од функцијата судија“, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Судскиот совет вчера формираше Комисија која ќе проверува како постапувал Кривичен, во потрага по одговорот каде затаија институциите при бегството на лицето.
Рамадани беше во екстрадициски притвор, а потоа во куќен, откако беше уапсен на косовско-македонската граница поради меѓународна потерница од Србија.
Оттаму го бараат за да му се суди за воени злосторства.
Петар Догов