Органите на прогонот си го вперуваат прстот еден во друг – кој е виновен што лице барано со меѓународна потерница избега од куќен притвор.
Станува збор за поранешниот припадник на ОВК со име Блерим Рамадани, од Косово. Тој минатиот месец падна во рацете на полицијата, на косовско-македонската граница.
Сѐ се случи на 17 јули, кога Рамадани бил уапсен на граничниот премин Јажинце и веднаш однесен во триесетдневен екстрадициски притвор во затворот „Скопје“.
Две недели подоцна, Судот му ја преиначи мерката во куќен привор. Оттогаш, поранешниот припадник на ОВК бил во куќен притвор во дом на негови роднини во Македонија.
Потврда за бегството на Рамадани пристигна и од полицијата од каде што тврдат дека се трага по лицето.
„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Ова следува откако судот синоќа на барање на обвинителството го прифатил предлогот, куќниот притвор на Рамадани да му се замени со активен. Потоа, добиле известување од МВР дека лицето за спровод не било пронајдено на посочената адреса.
За надзор и проверка на лицето Блерим Рамадани задолжено е Министерството за внатрешни работи, брифираат од Кривичен за конкретниот предмет.
Бегството на поранешниот припадник на ОВК ја разбранува и политичката јавност.
Опозициската СДСМ одговорноста ја лоцира кај министерот за внатрешни, Панче Тошковски. Бараат оставка од него и тврдат дека сноси директна одговорност за бегството на Рамадани.
Тошковски возврати дека во овој случај, вистинското прашање треба да биде – зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен, наместо во ефективен притвор.
Реагираа и од ДУИ – тврдат дека Владата слугува на соседите, со тоа што апси поранешен припадник на ОВК.
Партнерите на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, од коалицијата Вреди, пак, сметаат дека лицето Блерим Рамадани воопшто не требало да се затвори и дека се задржал предолго во притвор.
Пред помалку од еден месец, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, побара од македонските власти да го екстрадираат Блерим Рамадани, поради сомневања дека тој како поранешен војник на ОВК извршил воени злосторства.
Денеска Дачиќ побара објаснување за бегството на Рамадани, за како што вели – скандалозното бегство на терористот и воен злосторник, од домашен притвор.
Премиерот Мицкоски запрашан за целиот случај вели дека не би ги коментирал судските одлуки, а за тоа како ова ќе се одрази на односите со соседна Србија, одговара дека тој останува цврсто на намерата, за градење добрососедски односи со сите соседи.
Петар Догов