Тројца морнари загинаа, а еден е тешко повреден во Мал Лошињ, откако врз нив падна влезна рампа на траектот „Ластово“.
„За време на работни активности на траектот „Ластово“ во Мал Лошињ, денеска во попладневните часови дојде до несреќа во која смртно настрадаа тројца членови на екипажот на „Јадролинија“ додека четвртиот е потешко повреден“, соопшти хрватското Министерство за море, сообраќај и инфраструктура.
Тешката несреќа се случила попладнево, околу 15:30 часот во траектното пристаниште, кога падна влезната рампа на траектот „Ластово“, тешка најмалку 10 тони и ги приклешти морнарите на „Јадролинија“, пренесува порталот index.hr.
„Ластово“ е траект за локалните линии, класифициран како ро-ро патнички брод. Изграден е во 1969 година во Јапонија за јапонски нарачател, каде и почна да плови под името „Ишизучи“. Бродот во 1978 година станува дел од флотата на „Јадролинија“. Најчесто плови на линиите во областа на Сплит. Долг е 72,7 метри, а широк 13,7 метри.