Речиси пет отсто од вкупната територија на државата биле зафатени со пожар во изминатите шест месеци покажуваат податоците до кои дојде Телма, а се генерирани од софтверот „Ороратек“за детекција и следење на шумски пожари.
Овој софтвер во последните шест месеци на територијата на Македонија регистрирал 130 сериозни пожари, во кои не се вклучени запалени стрништа или депонии од помал обем. А големите пожари зафатиле вкупно 1.223 квадратни километри површина, најчесто шуми во планини. Споредено со истиот период минатата година кога имало 46 вакви пожари се бележи речиси тројно поголем број на пожари, а кога станува збор за површината опустошена со огнови бројките се поразителни бидејќи годинава е опфатено осумкратно поголема територија.
Критичниот период почнува пред три месеци, а податоците на „Ороратек“ заклуќно со 1 август покажуваат дека во Македонија има 61 сериозен пожар или за два и пол пати повеќе од минатата година кога се регистрирани 19. Во овие пожари гореле вкупно 1.031 квадратен километар површина во повеќе региони од државата и тоа е за неверојатни 16 пати повеќе од минатата година кога биле зафатени 61 квадратен километар.
Се поголем број на граѓани бараат од надлежните да се донесе одлука дрвата уништени во пожар да не се сечат за потоа да не може да се користат во комерцијални цели за да се спречи натамошното уништување на природата.
Според податоците на ЦУК, денес се активни 9 пожари, критичен е шумскиот пожар кој влезе во резерватот „Јасен“.
„Активни се пожарите во Македонски Брод кај Јасен, Демир Хисар и Охрид кај Илинска Планина кој е под контрола, Чашка кај Папрадиште и Ореше, Петровец кај Градманци и Дивље, во Студеничани кај местото викано „Темна Бука“, во Кичево кај селото Челопеци, во Дебар над селото Косоврасти, Охрид на планината Галичица и во Општина Македонски Брод кај селото Слатина“, информираат од ЦУК
Додека пожарникарите армијата и доброволците со натчовечки напори се обидуваат да ги стават под контрола пожарите секојдневно се појавуваат нови жаришта за кои е се посилно сомневањето дека се подметнати. Полицијата досега успеа да открие шестмина пиромани и против нив да поднесе кривични пријави против шест лица кои одговараат за предизвикување на општа опасност или предизвикување на шумски пожар.
МВР соопшти дека ги подигна дроновите за да може полесно да ги улови подметнувачите на шумските пожари. Дроновите ќе летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови.
Огнен Чанчаревиќ