Музејот на македонската борба за самостојност се вклучи во прославата на 121 годишнина од Илинденското востание и 80 години од првото заседание на АСНОМ, со изложбата „ Анатомија на муралот-Илинден 1903, Борко Лазески“. На изложбата се прикажани скици и цртежи, кои што нашиот истакнат сликар ги правел како подготовка за реализацијата на првата монументална фреска кај нас во 1950 година. На изложбата, во чија подготовка беше вклучена и Асоцијацијата за култура ИКОН, се застапени и извадоци од дневникот на Лазески, во кои тој пишувал за создавањето на делото и за неговот значење и влијание во тогашниот оштествен и уметнички простор.
„На 02. август група од 20 до 30 луѓе бевме на Мечкин камен. Идејата за таа фреска се роди таму , на тој ден Илинден. И направив како протест за тоа што Илинден тогаш беше обичен работен ден“.
Ова е извадок од дневничките записи на великанот на македонската ликовна уметност, Борко Лазески, во врска со создавањето на муралот во 1950 година , посветен на Илинденското востание од 1903 година, и неговото влијание врз општествената и уметничката сцена во тоа време. Тоа е само еден, од повеќето извадоци од дневникот на Лазески, кои се дел од изложбата „ Анатомија на муралот -Илинден 1903 година“, со која Музејот на македонската борба за самостојност , се вклучи кон денешното чествување на 121 година од Илинденското востание и 8 децении од првото заседение на АСНОМ. Изложбата е реализирана во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН, а нејзина авторка е Марија Коробар- програмски координатор на оваа невладина организација.
-Оваа изложба претставува анализа на безвременската нарација на темата , како инспирација на Лазески, кој што ја обработува во повеќе техники и со различен стилски пристап. Изложивме селекција од 24 скици и цртежи , кои што авторот ги изработил како подготовка за создавање на ова дело изјави Марија Коробар- авторка на изложбата
Реализираниот мурал бил изложен на петтата изложба на ДЛУМ, а потоа преместен во тогашниот Дом на ЈНА. Бил уништен во земјотресот 1963 година и повторно рекреиран од Лазески 1991, според оригинални шеми и поставен во крушевскиот хотел „ Монтана“. Тоа е прва монументална фреска , создадена во Македонија.
-Овој мурал е изведен во фреско – боно техника, со димензии 260 x 520 cm, и е прв ваков зафат во нашата земја. За разлика од дотогашното штафелајно сликарство, Лазески прави многу голем исчекор во однос на создавање на муралите изјави Марија Коробар- авторка на изложбата
„ Јас ја направив оваа прва моја фреска во Македонија, која што доживеа огромен публицитет. Јас го сторив тоа и може малку придонесов за повторно признавање на Илинден“, запишал Борко Лазески во дневникот.
Тој се смета за предвесник на првата повоена генерација академски образувани уметници во земјава. Ги изучувал монументалните техники на одделот за фрескосликарство на Високата национална школа за ликовна уметност во Париз, каде престојувал по Втората светска војна, откако се образувал на академиите во Белград и Софија , пред и за време на војната.
Неговите скици и цртежи за муралот „ Илинден 1903 “, ќе може да се видат во Музејот на македонската борба до 30 ноември.
Сотир Трајков