Две бази за противвоздушна одбрана во јужна Сирија биле погодени во текот на ноќта од израелски ракети, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права.
Како што се наведува во соопштението за печатот на опозициската организација со седиште во Велика Британија, која ја следи војната во Сирија, во ракетните напади врз провинцијата Дара нема жртви.
Областа се наоѓа во близина на линијата на огнот меѓу сириските и израелските сили на Голанската висорамнина.
Државните сириски медиуми не објавија за нападите, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Нападите дополнително ги зголемуваат тензиите на северната граница на Израел по смртоносниот ракетен напад од Либан врз анектираниот Голан во кој загинаа 12 деца во саботата.